Општина Илинден соопшти дека деновиве се асфалтира улица „6“ во населеното место Кадино, во рамки на инфраструктурните проекти за унапредување на локалната патна инфраструктура.
Реконструкцијата опфаќа пат во должина од околу 350 метри и широчина на коловозот од пет метри. Како што информира Општината, асфалтирањето се реализира поради оштетување на коловозот настанато при изведба на работи за изградба на примарна мрежа и приклучни краци на фекална канализација, во вкупна должина од околу 3500 метри, со што се овозможи приклучување на приближно 100 домаќинства на новоизградената канализациска мрежа.

-Дополнително, извршено е нивелирање и поставување на заштитни бетонски капаци на шахтите од фекална канализација кои се наоѓаат на улицата, се врши чистење и уредување на отворените одводни канали, кои се во функција на прифаќање и одведување на атмосферските води од коловозот, како и поставување заштитни банкини по должина на коловозот, соопшти Општина Илинден.

Градоначалникот Александар Георгиевски истакнува дека континуираното инвестирање во локалната патна инфраструктура останува еден од приоритетите на општината, бидејќи современите и квалитетни сообраќајници придонесуваат за поголема безбедност, подобра поврзаност и поквалитетен живот на жителите од сите населени места.

-Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со интензивна реализација на проекти за изградба и реконструкција на улици низ целата територија на општината, со цел понатамошно унапредување на комуналната и сообраќајната инфраструктура, соопшти Општина Илинден.
