Во Собранието ќе заседава Комисијата за одбрана и безбедност, на која ќе се одржи јавна расправа по предлог-законот за оружјето.
Со предлог-законот за оружјето се уредуваат условите за набавување, поседување, носење и пренесување, чување, производство, поправање, онеспособување (деактивирање), промет, посредување, трансфер, превоз, претовар и пренесување преку државна граница на оружје, негови делови, главни делови и муниција.
Со донесување на законот се очекува унапредување на постојните законски решенија, надминување на практичните проблеми со кои се соочува Министерството за внатрешни работи како надлежен орган, а покрај наведеното, ќе се овозможи и усогласување на Законот за оружјето со: Директивата (ЕУ) 2021/555 на Европскиот парламент и на Советот од 24 март 2021 година за контрола на набавувањето и поседувањето оружје (кодифициран текст); Директивата за спроведување (ЕУ) бр.2019/69 на Комисијата од 16 јануари 2019 година за утврдување технички спецификации на оружје за предупредување и сигнализација во согласност со Директивата 91/477/ЕЕЗ на Советот за контрола на набавување и поседување оружје; Регулативата (ЕУ) бр. 258/2012 на Европскиот парламент и на Советот од 14 март 2012 година за спроведување на член 10 од Протоколот на Обединетите нации против незаконско производство и трговија со огнено оружје, негови делови и компоненти и муниција, со кој се надополнува Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал („Протокол на ОН за огнено оружје“) и за утврдување дозвола за извоз и мерки за увоз и транзит на огнено оружје, негови делови и компоненти и муниција; Регулативата за спроведување на Комисијата (ЕУ) 2015/2403 од 15 декември 2015 година за утврдување заеднички насоки за стандардите и техниките за деактивирање за да се осигури дека деактивираното огнено оружје станало неповратно неупотребливо и Регулативата за спроведување на Комисијата (ЕУ) 2018/337 од 5 март 2018 година за изменување и дополнување на Регулативата за спроведување (ЕУ) 2015/2403.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на јавната расправа се поканети претставници од разни институции, организации и експерти од областа на одбраната и безбедноста да учествуваат на седницата и да дадат свои мислења и ставови во врска со темата на јавната расправа.
