80 евра за мегават час ќе плаќаат компаниите што произведуваат храна, соопшти денеска премиерот Ковачевски. Но дали тоа ќе ги симне плафонските цени низ маркетите и ако не дали владата има намера да ги замрзне, одговор нема. Има само очекување на премиерот дека цените на основните продукти ќе се намалеле најмалку за 10 проценти.
– „Со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно ќе влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании.“ – Изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Ќе сме имале и парно од 1 ноември, ЕСМ склучила договор ама со кого и колку повисоки сметки ќе плаќаат граѓаните одговор нема.

- „Ќе работи дополнително ТЕТО која ќе покрива 60-70 отсто потребите на топлинската енергија. За тоа до кои компании е склучен договор може да се обратите во ЕСМ, ќе ви објаснат во детали. – Изјави Бектеши.
Владата одлучила и основните и средните јавни училишта, за да имаат непречено струја, да можат да склучат договори за снабдување со ЕСМ по цена од 95 евра по мегават/час. Истото важи и за јавните претпријатија за водоснабдување и одведување на отпадните води.
Една од денешните одлуки е и таа дека на општините и градот Скопје им се забранува да основаат јавни претпријатија и акцинерски друштва за јавно осветлување, со цел да спречеле злоупотреби и манипулации на владините мерки за енергетика.
