Со изградбата на 400 киловолтниот далекувод Битола-Елбасан Македонија и Албанија добиваат нова, силна и стратешка електроенергетска врска, која ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето, ќе ја зголеми стабилноста на преносниот систем и ќе отвори нов простор за подлабока интеграција во регионалниот и европскиот енергетски пазар. Тоа го истакна денеска генералниот директор на МЕПСО Бурим Љатифи на означувањето на почетокот на изградбата на 400 киловолтниот далновод од ТС „Битола 2” на граничниот премин Ќафасан, на македонско-албанската граница.
На настанот на кој присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика Сања Божиновска, албанскиот министер за енергетика и инфраструктура Енеа Каракачи, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Бен Нупнау и претставникот на ЕБОР Фатих Туркменоглу, тој нагласи дека со оваа интерконекција се затвора последната енергетска алка на Паневропскиот коридор 8.
Проектот, има исклучително значење за двете земји, но и за регионот.

– Од осамостојувањето на државата, Коридор 8 беше само мисловна именка и лажно ветување, а денес оваа Влада, која зборува со дела, ги претвора предизвиците во можности и од целосно блокиран проект создава реалност – вистинско инфраструктурно и енергетско поврзување со Албанија. Тоа е нашата амбиција, нашата земја да не биде периферија на енергетските текови, туку да биде центар што ги следи промените. Токму затоа, овој проект не е изолиран потег. Тој е дел од пошироката стратегија на МЕПСО за развој и модернизација на националната преносна мрежа, рече Љатифи.
Најави дека Владата работи и на други клучни правци за зајакнување на врската со Грција, нова интерконекција кон Косово, развој на 400 киловолтната мрежа во Западна Македонија, како и нов правец кон Бугарија.
– Нашата цел е јасна компактен, стабилен, регионално поврзан и европски усогласен електроенергетски систем. Енергијата е како река која не познава граници. Оваа интерконекција не е само кабел, столб или далековод – оваа инфраструктура е мост на доверба. Ова е пример како две земји можат да градат нешто што е добро и за нив, но и за целиот регион, нагласи Љатифи.
Албанскиот министер за инфраструктура и енергетика Енеа Каракачи порача дека започнувањето на изградбата на 400 киловолтниот далекувод Битола-Елбасан е интерконективна линија меѓу Албанија и Северна Македонија, која е заедничка инвестиција и значи безбедност и развој. Посочи дека Албанија има влезено во нова фаза од енергетскиот развој, со која се зголемува енергетската сигурност преку стратегијата што ја имаат како земја и веќе дава значајни резултати.

– Проектот за 400 киловолтната линија Елбасан-Битола претставува една од најзначајните алки на енергетскиот коридор Исток-Запад, како дел од Коридорот 8. Тој затвора историски јаз во регионалната мрежа и создава директна врска меѓу нашите енергетски системи, овозможувајќи ни неограничена размена на електричната енергија и значително зголемување на сигурноста на снабдувањето во двете земји. Оваа линија не е само билатерален проект, таа е дел од поширока визија дел од енергетскиот Коридор 8, кој ги поврзува Бугарија, Македонија, Албанија и понатаму Италија. Преку овој Коридор градиме нов енергетски мост меѓу Истокот и Западот на Европа, рече Каракачи.
Тој истакна дека во Албанија се постигнати веќе 80 отсто од градежните работи на оваа енергетска линија.
– Овој проект е јасен доказ дека регионалната соработка функционира. Тој е резултат на партнерството меѓу нашите земји и меѓународните финансиски институции и техничките партнери, кои веруваа во нашата заедничка визија, нагласи Каракачи.
Заменик шефот на делегацијата на ЕУ во РСМ, Бен Нупнау порача дека запачнувањето на овој проект се случува во време на големи глобални неизвесности, а денеска повразноста и соработката меѓу партнерите се поважни од кога да било, со цел да се надминат се поголемите предизвици.

– Пред пет години почнавме со изградба на трафостаницата-Охрид дел од овој електро-енергетски прстен. Во меѓувреме се случија многу работи, производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија значително се зголеми и останува приоритет на агендата. Но, тоа што навистина доминира во дебатата е самиот пренос на електричната енергија. Модерните електро-енергетски мрежи се од суштинско значење за енергетската сигурност и за оставрување на нашите климатски цели. Нивната изградба се поддржува преку различни инструменти, како што се Европскиот зелен договор и Планот за раст за Западен Балкан – рече Нупнау.
Овој проект, како што нагласи, поддржан од ЕУ, со грант од над 14 милиони евра во рамките на инвестициската рамка за Западен Балкан и во тесна соработка со ЕБОР ќе создаде нова ефикасна енергетска инфраструктура, со што ќе придонесе кон остварување на целта на Европа за климатска неутралност до 2050 година.

Заменик директорот на ЕБОР шеф за Северна Македонија Фатих Туркменоглу посочи дека оваа инвестиција е значајна пресвртница во изградбата на електроенергетска интерконекција меѓу две соседни земји, а за овој стратешки проект ЕБОР има обезбедено заем во износ од 37 милиони евра за МЕПСО и како што рече мобилизираше дополнителен инвестициски грант од 12 милиони евра преку инвестициската рамка за Западен Балкан.

