Новата болница во Кичево веќе не е само проект на хартија. Кичевчани конечно ќе добијат здравствен објект како што доликува – со модерни услови, нова опрема и нов кадар. Министерот за здравство вели дека течат последните подготовки – формирани се работни групи и се прават анализи за стабилноста на веќе постоечкиот објект.
„Сега сме во фаза на физибилити и проектирање, имаме финансиски пакет од 190 милиони. Не говориме само за планови, парите се обезбедени и тоа дава една сигурност дека овој пат нема да бидат само празни ветувања.“ – вели министерот за здравство Сашо Клековски.
Според министерот, соработката со општините треба да биде дел од процесот уште од почетокот за целосен успех. Се внимава на урбанистичките услови и пристапот со помош на локалната самоупорава.
„Ние како локална самоуправа остануваме цврсти во убедувањето и во иницијативите што повеќе да помогнеме на сегашната општа болница во оваа состојба како што е со наши средства и нови апарати.“– вели градоначалникот на Кичево Александар Јовановски.
Инаку надлежните вложуваат во други сегменти од здравствениот систем со цел пациентите да добијат покавлитетна здравствена услуга и навремена дијагностика. Заедно со новата болница во Кичево, петте клучни проекти на Владата се изградбата на Клиничката болница во Штип, изградба на комлетно нов Медицински факултет и нов студентски дом со најмалку 200 легла како и реконструкција на тетовската болница.

