Во организација на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Охрид, утре ќе се одржи јубилејната десетта по ред меѓународна ИПА велосипедска рекреативна тура на релација Охрид–Струга–Радожда.
Стартот е закажан од Градското пристаниште во Охрид во 8:00 часот, од каде учесниците ќе се движат по охридскиот кеј и низ неколку градски улици, а потоа по стариот пат кон Струга, покрај Охридското Езеро и низ живописните предели кај Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“, се до Радожда.
Велосипедската тура е дел од проектот ИПА вело-викенд „На точак, Охрид и Струга да видам“, со кој од 2016 година се промовира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града, како и нивно поврзување со туристичките населби Радожда и Пештани, преку современа, безбедна и функционална велосипедска патека.

Организаторите истакнуваат дека ваквите иницијативи имаат значајна улога во развојот на туризмот и велосипедизмот во охридско-струшкиот регион, што важи за еден од најатрактивните во државата, со потенцијал да се позиционира на светската мапа на вело-туризмот.
Од ИПА – Охрид упатуваат порака до надлежните институции конечно да се посветат на изградба на безбедни велосипедски патеки меѓу Охрид и Струга, бидејќи, како што наведуваат, велосипедистите денес се принудени да се движат по фреквентни патишта без соодветна инфраструктура, што претставува сериозен ризик за нивната безбедност.
Воедно, се повикуваат сите членови на ИПА – Охрид, ИПА – Македонија, како и националните ИПА секции од соседните земји, велосипедски клубови и граѓани љубители на велосипедизмот, да се приклучат на турата и да создадат масовна велосипедска колона што ќе испрати порака за потребата од современа велосипедска мрежа во регионот.
