Мирослав Митиќ продуцент од Србија, македонската режисерка Елеонора Венинова и филмската претставничка од Франција, Емили Ришел, се тричленото жири кое ќе ја има одговорната задача да одлучува за престижните награди во главната натпреварувачка селекција, на петтото издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“. Во главната конкуренција се шест исклучителни долгометражни филмови меѓу кои се кипарскиот „Држи се за мене“, иранскиот „Коцкарот“, македонскиот „Кома“,белгискиот „Одразот во мртвиот дијамант“, српскиот „Кармадона“ и бугарскиот филм „Месо“.
Претседателот на меѓународното жири, Митиќ вели дека филмовите во програмата се одлично избрани и разновидни, а профилот на селекцијата е многу широк.
Селекцијата на програмата е разновидна и одлично направена. Профилот на селекцијата е многу поширок од класичната, да речеме, балканска артхаус-програма. Тука имаме интимни драми, црна жанровска сатира, локална драма, стилизиран нео-ноар шпионски филм и ирански сајбер-трилер. Тоа е она што досега го видовме. Ги изгледавме и краткометражните филмови. Еве, сега со жирито одиме да погледнеме уште еден краток филм. Во овој момент не би сакал да давам оценки. Секој филм на свој начин даде одговор на прашањето што режисерот, сценаристот или целата екипа сака да ѝ пренесе на публиката со своето дело.Ние како жири дефиниравме одредени критериуми според кои ќе го оценуваме секој поединечен филм. Со задоволство очекувам вечерва да погледнеме уште еден македонски филм“, изјави Мирослав Митиќ – српски продуцент.

Ришел за прв пат е во Македонија. Вели дека многу и се допаѓаат проекциите на отворено, но особено и значи што може да се сретне и да поразговара со режисери и актери од самите филмови кои се во официјална комкуренција за награда на Фестивалот.
„Пред сѐ, многу сум среќна што Јани ме покани да бидам дел од овој филмски фестивал. Ова ми е првпат да сум во Македонија и навистина ми е драго што сум тука. Во жирито сум опкружена со двајца прекрасни колеги, а луѓето овде се многу љубезни и гостопримливи. Досега изгледавме три долгометражни филма и неколку краткометражни. Она што особено ми се допаѓа е што проекциите се одржуваат на отворено, што создава навистина посебна атмосфера. Програмата е разновидна бидејќи селекторот на фестивалот внимавал да има филмови од различни земји, со различни теми и од автори од двата пола. Тоа ја прави селекцијата навистина интересна. Воедно, фестивалот ни овозможува да се сретнеме и да разговараме со гостите – режисери, продуценти, па дури и актери. Тоа е навистина убаво искуство“, изјави Емили Ришел – филмски работник од Франција.
Македонските филмови одлично се носат со странските за добитничките позиции на Фестивалот, вели Венинова.
„Мислам дека македонските филмови одлично се носат со странските филмови коишто се во конкуренција, затоа што ние имаме извонредно квалитетни филмови, особено кратките филмови во последните години се многу успешни, одат по големи фестивали и сè повеќе млади, режисери и режисерки, прават филмови коишто буквално можат рамо до рамо да бидат со странските филмови, што е случај и на овој фестивал. Имаме одлични македонски филмови, кратки филмови во официјалната конкуренција и мислам дека ќе биде доста тешко да се одлучи за, наградата, но ете затоа сме ние тука“, изјави Елеонора Венинова – македонска режисерка и сценаристка.
Одлуката на тричленото жири за годинешните лауреати ќе биде соопштена на свеченото затворање на фестивалот утревечер во Амфитеатарот порај Дојранското езеро.
