Мобилниот телефон одамна престана да биде уред кој служи само за разговори и социјални мрежи. Денес, со само неколку допири на екранот, може да се платат сметки, кафе, намирници и речиси се што ни е потребно во текот на денот. Дека се повеќе граѓани го прифаќаат телефонот како свој дигитален паричник, покажуваат и податоците на Народна Банка. Сепак дел од луѓето кои застанаа пред камерата на Алфа, велат навиките не се менуваат толку лесно и брзо. Па, додека едни веќе без размислување плаќаат со телефон, други и понатаму претпочитаат картичка или кеш, бидејќи се уверени дека им нудат поголема сигурност.
Само во првите три месеци од годинава е забележан раст на мобилните плаќања, што укажува дека овој начин на плаќање станува се попрактичен и поприфатен.
Дигитализираните картички учествуваат со 17,9% во вкупниот број издадени платежни картички во земјата, а преку секоја дигитализирана картичка се извршени, во просек, 4 трансакции со мобилен телефон во земјава, што укажува на постојано зголемување на користењето на мобилните плаќања и промена на навиките на граѓаните во полза на користењето на придобивките од дигитализацијата. -покажува статистиката на Народна Банка.

Дали граѓаните целосно ќе им се препуштат на новите технологии, останува да покаже времето, но едно е сигурно: промената е во тек и дигиталните решенија се неизбежна реалност.
