Во Трубарево во Општина Гази Баба денеска беше пуштена во употреба нова детска градинка „Кокиче“, којашто ќе згрижи 60 дечиња. На отворањето присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
Како што информираше Стефковски, персоналот во градинката е веќе вработен во согласност со ресорното Министерство и таа ќе ги отвори вратите за дечињата на 1 јули. Вкупната вредност на проектот е 47 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Гази Баба и дополнително опремување преку Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Премирот Мицкоски по обиколката на градинката истакна дека на овој начин се подобрува квалитетот на живот на локалното население, а најмногу на децата.

-Првите 6-7 години во животот се секогаш најзначајни, и тие не пратат до крајот на животот. Вредностите коишто во првите 6-7 години ќе ги стекнете, вредностите со коишто ќе другарувате и ќе ги споделувате, тие вредности понатаму најверојатно ќе ве пратат до крајот на вашиот живот. Истовремено би сакал тука исто така да ги потенцирам квалитетот на живот на родителите, коишто сега имајќи ги овие објекти на располагање, ќе знаат дека нивните дечиња се во сигурни раце. Дека се во сигурни раце кај воспитувачите, кај оние коишто ќе се грижат за нивното образование и за нивниот живот и на тој начин ќе можат да се посветат на реализирање на своите професионални обврски и реализирање професионално како личности, истакна Мицкоски.

Тој се заблагодари на градоначалникот, советниците и пратениците од оваа општина, бидејќи поддржуваат објекти од капитално значење. – Градиме автопати, градиме булевари, градиме градинки, градиме училишта, градиме игралишта. Сѐ се тоа капитални инвестиции, коишто за жал, со децении не биле изградени или да бидам уште подиректен и попрецизен, за жал, многу пати во минатото биле украдени, рече Мицкоски.
Градоначалникот Стефковски посочи дека со пуштањето на употреба на детската градинка се реализира децениски проблем и потреба на граѓаните.
-Овој објект се простира на 720 метри квадратни, опфаќа три занимлни со административни простории и ги има сите современи услови за правилен раст и развој на нашите најмлади. Она што со радост сакам да го кажам е дека ова е трета детска градинка што ја градиме на територија на Општина Гази Баба. Дополнително, во месец септември ќе се отвори градинката во Инџиково, а интензивно, согласно договорената динамика, се гради и новата детска градинка на потегот помеѓу Керамидница и Маџари. Она што ме радува е дека за неколку недели од денес започнуваме со изградба и на нова четврта детска градинка во населеното место Сингелиќ и со тоа сите оние листи на чекање на дечињата ќе заминат во историја, информира Стефковски.

Освен изградбата на градинки, како што кажа тој, интензивно се работи на изградба на новото училиште во Ченто, што ќе биде отворено во месец септември, изградба на две нови спортски сали во Железара и во Црешево, изградба на нови фекални канализациски мрежи во Јурумлери и во Идризово, изградба на одводни канали во Стајковци и во Сингелиќ, асфалтирање на голем број улици и многу битни проекти.
Министерот Лимани рече дека до пред две години ова место било рамна ливада, а сега сме пред објект којшто исполнува услови за згрижување на 60 деца.
-Тоа ќе овозможи брачните парови да продолжат со нивната работа и нивниот комотен живот. Уште еднаш голема благодарност за соработката на градоначалникот и секоја пофалба е за нив. Ние како министерство сме тука секогаш за исполнување на сите услови и барања кои потекнуваат од градоначалниците за да им овозможиме на населението да имаат подобар и покомотен живот, рече Лимани.
Видеото може да го погледнете на следниот линк:
