Не сум фокусиран на предвремени избори, туку на работа и проекти за доброто на граѓаните – вели премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали поради тоа што во Собранието има заглавени неколку законски решенија поради немање Бадентерово мнозинство или филибастеринг, дополнително ќе се прават консултации со опозицијата или размислува за предвремени избори. Владата, нагласи тој, си ја завршила својата работа и сега на ред е Собранието.
– Јас сум фокусиран на работа. Како претседател на Владата, јас сега се фокусирав на почнување на новиот проект за Блаце – Скопје, да речеме, и треба да се радуваме. Имаме проект, нов автопат имаме. Потоа, фокусиран сум на почнување на новиот проект за Букојчани – Кичево, нов проект имаме за Коридорот 8, третата фаза од пругата, еве се објавува тендерот оваа или следната недела… Фокусиран сум на тие проекти. Фокусиран сум на проекти што ќе додадат квалитет на животот на граѓаните, а политичките калкулации, политичкото мудрување на одредени опозициски партии, им го оставам ним. Јас немам тука што да коментирам – потенцира Мицкоски.
Нему му е важно државата да оди напред и да се развива, да се зборува за проекти.

– Јас секогаш, додека сум претседател на Владата, ќе зборувам само за проекти. Јас сум бил фокусиран, тие предлог-закони се наоѓаат во собраниска процедура и од овој момент ова прашање е во рамките на парламентот, не е во рамките на Владата. Ние како Влада сме создале решенија, тие решенија ги поминале сите филтри, сите процедури, сега се во парламентот. Тоа е прашање на пратениците – рече премиерот Мицкоски во одговор на новинарско прашање при посетата на општина Илинден.
