Цигари спакувале во палети со камена волна, и се обиделе да ги внесат во Македонија. За среќа цариниците регистрирале и шверцерите не успеале. Се работи за 5.000 штеки цигари без акцизни маркички, вредни околу 9 милиони денари.
Обидот за криумчарење бил спречен за време на контролата на товарно моторно возило кое сакало од Грција да ги однесе кон Србија. Според приложената документација, камионот превезувал градежен материјал, камена волна, но откако царинските службеници направиле детален преглед на возилото – ги пронашле необележаните 100 кутии со по 50 штеки цигари.
„Возачот на камионот, српски државјанин, е приведен, а против него е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гевгелија поради основано сомнение за сторено кривично дело – криумчарење“, велат од Македонска царина.

Ова е само една во низата успешни акции на Царинската управа. Во изминатиот период македонските цариници остварија рекордни заплени на македонските гранични премини. Пред неполни два месеци на Богородица беше спречен обид за нелегален пренос на половина милион евра, а беше откриена и златна плочка вредна 4,5 милиони денари сокриена во чевел на патник. Беше спречен и шверц на околу 10 килограми марихуана во Стар Дојран, скриена во пластични пакувања од еурокрем и павлака. Од почетокот на годината беа откриени и спречени голем број на обиди за шверц на непријавени девизи, медицински препарати, брендирана стока и друго. Меѓу позначајните случаи се заплените на 150 илјади британски фунти на Меѓународниот аеродром Скопје, откривањето наркотични средства во поштенски пратки, како и акциите против лица инволвирани во криумчарење и продажба на непроверени медицински производи.
