Грнчари, самарџии, шапкари, опинчари, филигранџии – професиите од минатото кои некогаш беа дел од чаршиите денес речиси се целосно изумрени. Се помалку луѓе се занимаваат со овие занаети, а младите речиси воопшто не покажуваат интерес за нив. За да не останат само дел од историјата, туку да продолжат да живеат и да се пренесуваат на новите генерации, Град Скопје распиша јавен повик за субвенционирање на дефицитарните занаети. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски порача дека занаетите не се само извор на егзистенција, туку и важен дел од културниот идентитет и традицијата на градот.
„Со оваа мерка даваме конкретна поддршка на луѓето кои со својот труд, знаење и посветеност ја чуваат автентичноста на Скопје.Да не дозволиме старите занаети да останат само спомен од минатото. Да создадеме услови тие повторно да бидат ценети, препознатливи и привлечни за младите.“- вели градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Финансиска поддршка ќе можат да добијат занаетчии кои живеат на територијата на Град Скопје. Конкурсот трае до 30 ноември, а секој занаетчија ќе добие финансиска подршка во износ од 20 илјади денари.
„Право на учество имаат: Занаетчии со живеалиште на подрачјето на град Скопје, од општините Аеродром, Гази Баба, Бутел, Чаир, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар и Шуто Оризари, кои ги исполнуваат условите утврдени во Јавниот повик и ја доставиле целокупната потребна документација;

Занаетчии кои во тековната година не користеле финансиски средства од Град Скопјеи занаетчии регистрирани согласно Законот за занаетчиство и лица кои поседуваат занаетчиска дозвола и вршат занаетчиски дејности кои, според обработените податоци, бележат континуирано намалување на активноста.“- вели Ѓорѓиевски.
Според Орце Ѓорѓиевски, целта е да се даде конкретна поддршка токму на луѓето кои со својот труд и знаење ја чуваат традицијата со цел да ја пренесат и на помладите. Низ Македонија има само 1000 регистрирани занаетчии што според занетичиската комора е исклучително мала бројка.
