Гостиварци од утре ќе имаат техничка вода. По десет дена неизвесност, Гостивар конечно е на чекор до нормализирање на водоснабдувањето. Според најавите на Владата, водата ќе биде технички исправна за употреба, а надлежните и понатаму работат на хиперлорирање на водоводната мрежа со цел водата која тече од чешмите да може и да се пие.
„Екипи од скопскиот водовод во Гостивар работат на хиперхлорирање на инсталацијата. Очекувам уште утре да се издаде соопштение дека водата е технички исправна за користење. Ова се санираше во рекорден рок од една недела. Мене ме чуди што опозицијата ја критикува општината и раководството кое самите го поддржуваа за време на локалните избори. Владата испорачува резултати и ќе продолжи тоа да го прави.“– вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Претседателот на Владата вели дека одговорите за тоа што се случи во Гостивар и кој е виновен треба да ги даде Јавното обвинителство. Од таму велат дека процесот е сеуште во фаза на собирање на докази.

„Во тек е прибирање и анализа на сите докази и материјали. Доколку во текот на постапката бидат обезбедени дополнителни докази или се утврдат нови релевантни околности, јавноста ќе биде соодветно информирана.“– велат од ОЈО.
Инаку веќе 10ти ден откако Гостиварци имаат забрана за користење на водата. Граѓаните се снаоѓаат на различни начини – купуваат вода, се снабдуваат од околните градови и села, или пак ја користат онаа која државата ја нуди како помош на пунктови низ повеќе локации во градот.
Надлежните уверуваат дека состојбата влегува во смирувачка фаза. Се помалку граѓани се јавуваат со дигестивни тегоби. Досега околу 4000 жители на Гостивар побарале лекарска помош од почетокот на епидемијата до сега.
