
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија ќе продолжи со воздушните напади врз Украина се додека не се потпише договор за делумен прекин на огнот.
„Не знам што (рускиот претседател Владимир Путин) зборува, но денес (на 20 март) имаме околу 107 дронови „Шахид“ на небото. Поради тоа, разбирам дека додека не постигнеме договор, додека не се потпише соодветен документ дури и за делумен прекин на огнот, сè друго ќе биде залудно“, изјави Зеленски на онлајн брифинг.
Тој изрази надеж дека ќе биде постигнат договор за време на разговорите во Саудиска Арабија. Зеленски истакна дека би сакал американскиот претседател Доналд Трамп да ја посети Украина.

„Во време кога се одржуваа изборите, навистина сакав претседателот Трамп и неговиот тим да дојдат во Украина. Мислам дека е многу важно за него да ги види нашите градови“, нагласи Зеленски.
Тој додаде дека би сакал Трамп „сето ова да го види, почувствува и сам да донесе свои заклучоци, како искусен човек“. По телефонскиот разговор со Трамп, Зеленски претходно посочи дека Украина се согласила на прекин на огнот кон енергетската и цивилната инфраструктура.
