– Завршен настан за проектот за бесплатен безжичен интернет, поддржан од Европската Унија и Германија, ќе се одржи денеска во „Европска куќа“ во Скопје.
Како што информираа од организацијата, предвидено е настанот за проектот „WiFi4WB“ да почне во 10 часот.
– Проектот се спроведе во 64 општини низ земјата и овозможи пристапни точки (хот спот) за бесплатен безжичен интернет на јавни површини определени од општините учеснички, вклучувајќи плоштади, паркови, културни центри, библиотеки и други локации што ги користат локалните заедници. Повеќе од 200.000 луѓе ги користеле бесплатните безжични интернет конекции во рамките на „WiFi4WB“ низ Македонија, откако беа воспоставени на почетокот на годинава – се додава во соопштението.
Се истакнува дека поставувањето на мрежата во државата претставува значаен чекор кон општество кое е подобро поврзано и дигитално инклузивно.
– „WiFi4WB“ е дел од „EU4Digital“ – регионална програма што ја поддржува дигиталната трансформација и поврзаноста низ Западен Балкан. Иницијативата е кофинансирана од Европската Унија и Владата на Германија, а ја спроведува „Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit“ (GIZ), во соработка со националните институции, општините и „Македонски Телеком“ – се додава во соопштението.
Најавени се обраќања на амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија – Михалис Рокас, амбасадорката на Германија во државава – Петра Дрекслер, министерот за дигитална трансформација – Стефан Андоновски и на главниот извршен директор на „Македонски Телеком“ – Горан Марковиќ.

