Во завршна фаза се градежните работи за реконструкција на тротоарите на дел од улицата „Задарска“ во Берово, со што значително се подобрува безбедноста и пристапноста за пешаците.
Со проектот се изградени нови тротоари со широчина од еден метар од двете страни на улицата, а поставени се и рабници, што овозможува побезбедно движење и поголема функционалност на јавниот простор.
Паралелно со инфраструктурните активности, Општина Берово изработи и план за ревегетација, кој предвидува отстранување на деградирани дрвја и нивна замена со нови садници. Со оваа мерка се очекува унапредување на урбаната средина и зачувување на зеленилото во овој дел од градот.

Од Општината информираат дека реализацијата на проектот претставува значајна инвестиција во локалната инфраструктура, насочена кон создавање побезбедни, поуредени и поквалитетни услови за живот на граѓаните.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 1.728.898 денари, а проектот е финансиран од Шведска банка, преку Министерството за транспорт, како дел од поддршката за развој на локалната патна инфраструктура.
