Во Литературното кафе „Метаноја“ вечерва од 19 часот ќе биде промовиран музичкиот албум „To kongsdØtre“ на Џулијан Мишиќ, кој претставува уникатен уметнички проект што ги спојува источната византиска и скандинавската духовна музика.
Како што соопштуваат организаторите, станува збор за издание на „Apollon Records“, во кое авторот Мишиќ, кој творечки делува меѓу Норвешка и Македонија, преку музика и поезија ги поврзува културите на Истокот и Западот. Во фокусот на албумот се историските личности Ана Комнена од Византија и света Сунива од Скандинавија, претставени како инспиративни симболи на духовноста од средниот век.
Промоцијата ќе понуди и раскажување на креативниот процес зад создавањето на албумот, кој, покрај авторот, ќе го претстават и неговите соработници – Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ. Тие ќе учествуваат и со музичка изведба, носејќи дел од материјалот од албумот пред публиката.

Модератор и рецензент на настанот ќе биде Коста Милков од Балканскиот институт за вера и култура, а промоцијата се организира и во рамки на одбележувањето на 15 години од постоењето на Институтот.
