Првите три ката од седумкатница се урнаа утрово во населба во азискиот дел на Истанбул, при што од урнатините се спасени пет лица, меѓу кои две деца, јави агенцијата Анадолија.
Несреќата се случила рано изутринава во 5:40 часот на улицата „Догу“ во населбата Малтепе на периферијата на градот, а причината за уривањето засега не е утврдена. На местото веднаш биле испратени пожарникари, полиција, екипи на Управата за катастрофи и вонредни ситуации (АФАД) и медицински тимови.
Спасувачите најпрво ги евакуирале станарите кои останале во становите на повисоките, неоштетени катови, по што започнала потрагата по евентуално затрупани лица. Утврдено е дека текстилната работилница на приземјето во моментот на уривањето била празна.
Со помош на кучиња трагачи, спасувачките екипи од урнатините извлекле пет лица, меѓу кои две деца. Повредените биле згрижени и пренесени во блиските болници. За време на интервенцијата на еден пожарникар му се слошило, по што и тој бил пренесен во болница.
Во спасувачката акција учествуваат голем број припадници на службите. Противпожарната служба ангажирала 175 лица со 56 возила и кучиња трагачи, додека АФАД работи на терен со 25 лица, пет возила и две кучиња трагачи.
Полицијата ги затворила пристапните улици и го обезбедила поширокото подрачје околу зградата за непречена работа на спасувачките екипи. Поради опасност од дополнително уривање, спасувачите влегуваат во објектот со засилени мерки на претпазливост.
Местото на несреќата го посетил истанбулскиот гувернер, Давут Ѓул, заедно со началникот на истанбулската полиција, Селами Јилдиз.
Ѓул изјави дека зградата е изградена во 1987 година и дека се состои од деловен простор на приземјето и шест станбени ката со вкупно 12 станбени единици.
Тој нагласи дека причината за уривањето ќе биде утврдена во судска и управна постапка. Додаде дека спасувачките активности продолжуваат под координација на АФАД, а евакуираните станари ќе бидат сместени во хотел обезбеден од агенцијата.

