Правосуден систем на ниво на западноевропските демократии. Ова е желбата на студентите од правниот факултет „Јустинијан Први“. Реформи се неопходни бидејќи граѓаните споро ја добиваат правдата – а бавна правда не е правда велат пред камерата на Алфа. Корупцијата, неказнивоста и транспаретноста ги посочуваат како најголеми проблеми.
- „Граѓаните имаат многу ниска доверба во правосудството. Не веруваат дека нивните процеси ќе дојдат до решение односно крај. Состојбата не е задоволителна, сметам дека многу може да се подобри, дека владее корупција, неказнивост за коруптивни однесувања и сметам дека граѓаните очекуваат многу повеќе од она што го добиваат од правосудниот систем“вели Анисија Угриновска – Студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Петар Мицкоски, кој е на прв циклус студии, се согласува дека одолговлекувањето на судските постапки дополнително ја урива ниската доверба кај граѓаните.
- “Најголем проблем кој во моментов го имаат судовите тоа е развлекувањето на судските постапки и според мене на тоа најмногу треба да се работи. Недоволната комуникација помеѓу органите на прогонот, обвинителствата и судовите, така што има доста проблеми во тој дел, но сметам дека, со најавените реформи кои во моментов ги имаме, како што се Правилникот за избор на судии и јавни обвинители, измени во самата структура на Академија за судии и јавни обвинители“ вели Петар Мицкоски – Студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“..
Тој апелира во Академијата да има поголема пракса со идните судии и обвинители, бидејќи така вели студентите се стекнуваат со најголемо знаење.

- „Во мометов најавени се некакви реформи таму, според мене треба повеќе да се работи на тоа таму да се запишуваат студенти со висок интегритет, со висок степен на просекот кога излегуваат од студенските клупи, но од друга страна да има практична работа уште при самото запишување“ вели Петар Мицкоски – Студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Љубовта кон општествените науки и желбата за промени во македонскиот правосуден систем ја натерало Софиа Даштевска да се запише и на втор циклус правни студии. Таа е на став дека новите генерации треба да придонесат во реформите кои се наопходни во судскиот систем.
- „Сметам дека услугите се многу лоши и треба да се дигитализираат, затоа што и сега да поминете пред судовите ќе забележите гужва, бидејќи граѓаните чекаат со часови за еден документ на пример за неосудуваност за што имаат секојдневно потреба, треба да се почне со дигитализација и гледам многу голем напредок во таа насока, Министерството за дигитална транформација придонесува многу за тоа и се надевам за брзо ќе има резултати“ вели Софиа Даштевска – Студент од втор циклус на студии на ПФ „Јустинијан Први“.
Дигитализацијата на правосудството ќе придонесе и за транспарентноста вели Угриновска.
- „Трансперентноста и отвореноста на правосудството што мислам дека можеме да ги постигнеме и преку дигитализација. И во оваа прилика би го пофалила имплементација системот за тонско снимање на судењата која сметам дека ќе донесе одредена доза на трансперентност…“ вели Анисија Угриновска – Студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Идните правници, меѓу другото, се запишале на Правниот факултет и за да придонесат до подобрување на состојбите во македонското правосудство.
