Делегација на Општина Битола предводена од градоначалникот Тони Коњановски, претставници на Сојузот на борците, политички партии и здруженија на граѓани, денес пред спомен бистата на револуционерот Даме Груев, со полагање цвеќе го одбележаа државниот празник 23 октомври, Ден на македонската револуционерна борба.
Обраќајќи се пред членовите на делегации, градоначалникот Коњановски истакна дека историската борба на македонските револуционери е свето пример и обврска за гордо чекорење напред.

-На денешниот ден се потсетуваме на почетокот на македонското револуционерно движење и организираната борба на македонскиот народ за формирање на независна држава, пред 133 години, но и должност во денешнината за континуиран напредок на нашата татковина Македонија. Историската борба на македонските револуционери, продолжува да биде наш светол пример и обврска за гордо и истрајно чекорење напред, кон храбро надминување на предизвиците и создавање подобра иднина за генерациите кои доаѓаат, посочи Коњановски.

