Нашето место во Европа треба да го градиме со реформи, знаење, силни институции и зачувано национално достоинство, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека Македонија мора да биде мудра и обединета на патот кон Европската Унија, и покрај долгогодишното чекање, условувањата и билатералните спорови.
Мицкоски истакна дека е важно во кој правец се движи државата, но и дека мора да се има свест за последиците од минатото и проблемите што се наследени и недоволно решавани од претходните политички елити.
-Откако ја презедов оваа функција, сите говорат за желбите, за тоа каде би можеле да бидеме, но малкумина говорат за планините кои ги носиме и проблемите кои ги наследивме. И тие проблеми не дојдоа наеднаш, туку се наследувани и многу малку решавани во минатото. Затоа што се немало искреност и чесен пристап. А многу често политичките елити, особено претходните, се забораваа и на кантар ги ставаа работите кои не само што не се продаваат, туку се дел од нашиот код и од она што сме – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека македонското име, јазик, култура и историско паметење се дел од националниот идентитет и наследството што треба да им се пренесе на идните генерации.
Како претседател на Владата, посочи дека има обврска да го застапува националното достоинство мирно, јасно и доследно, со почит кон сите и барање почит за Македонија.
-Верувам во европската иднина на нашата земја и во вредноста на Европа во која различните народи се почитуваат меѓусебно. Нашето место таму треба да го градиме со реформи, со знаење, со силни институции и со зачувано национално достоинство. Нашите граѓани заслужуваат перспектива во која ќе можат да веруваат и пат по кој ќе чекорат исправено. Истата зрелост ни е потребна и дома – истакна Мицкоски.
Осврнувајќи се на процесот на европска интеграција, Мицкоски рече дека ја споделува загриженоста и измореноста на граѓаните од предолгото чекање за членство во ЕУ.
-Го врвиме не само најтешкиот туку и најдолгиот пат кон ЕУ, обременет со многу откажувања, поместувања и неправедни удари. Силните го прават тоа што сакаат, а слабите тоа што мораат. И ова не е флоскула од учебниците, туку извадок од реалната политика денес. Но иако многумина веќе се скептични и уморни од услови, критериуми, билатерални спорови, ќе мора да бидеме мудри. За малубројните народи, иднината е во мудроста и единството. Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И големите се победуваат со мудрост. Со мудрост може да има иднина, кога веќе природната предодреденост, поставеноста и геополитиката не нудат сила – порача премиерот.

