Реклама
Македонија

Видевски: Бев под физичка тортура и принуден да потпишам изјава во која ќе изгледам виновен

Со прашања од одбраната и обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд продолжи…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Со прашања од одбраната и обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд продолжи судењето за двојното убиство на Вања и Панче. Видевски, одговарајќи на прашања, изјави дека бил под физичка тортура во полиција и принуден да потпише изјава со која ќе изгледа виновен. Рече дека по тепањето со дрвена палка, бил натеран да каже дека го познавал таткото на девојчето.

За познанството со Палевски, Видевски изјави дека било „партиско“ и дека го запознал во седиштето на партијата Десна, со која делел исти ставови. Манев претходно изјавил дека обвинетиот Велибор Манев, со кого се познавал од извиднички денови во Велес, му се јавил една вечер за да потпише поддршка за формирање на партијата Десна.

„Партијата Десна зазеде ставови кои јас ги поддржувам. Според информации од претседателот на партијата, Љупчо Палевски, сметавме дека името на МПЦ-ОА може да се промени во Црква на Македонија. Креиравме декларација за тоа прашање. Нашата задача беше да ги собереме овие декларации низ целата држава,“ изјави Видевски.

Реклама

Тој додаде дека целта била да се соберат најмалку 150.000 декларации и да се организираат митинзи и литии низ Македонија. На 25 и 26 ноември 2023 година бил во Велес, а на 26 ноември вечерта, Велибор Манев му се јавил да оди во Скопје на состанок.

„На 26-ти вечерта ми се јави Велибор Манев и ми рече дека треба да одиме за Скопје на состанок. Стегнавме за Скопје и стигнавме во седиштето на партијата Десна. Не сум сигурен дали таму имаше поткаст, но се задржавме доцна. Партијата беше новоформирана и имаше проблеми со наоѓање на простории за повеќе активности. По состанокот останавме да преноќиме. Кога станав утредента, тука беа сите, но можеби сум станал и порано,“ рече Видевски.

Во однос на неговото време пред приведувањето на 3 декември 2023 година, Видевски нагласи дека цело време бил во Велес, работел и одржувал редуцирани тренинзи по карате. Рече дека кога се враќал од пазар, му ѕвонел телефон и му рекле дека го бара полиција и дека се наоѓаат пред неговиот дом.

„Го оставив купеното и отидов со нив. Во станицата ми го зедоа ташничето, а потоа ми рекоа дека треба да ме приведат и да ме однесат во Скопје. По пристигнувањето во Скопје, ме ставија во ќелија и не знам колку време останав таму. Потоа ме изведоа и почнаа со тортура. Еден од инспекторите ме фати за рака, ме повлече и ме соборија на земја. Почнаа да ме удираат и да зборуваат за случајот. Потоа се појави трето лице и ми кажаа да зборувам,“ сведочеше Видевски.

Тој истакна дека бил принуден да потпише изјава под физичка тортура.

„Ми покажуваа слики од нивните мобилни телефони, меѓу кои и слики од убиеното девојче. Ми покажаа слика со лице во тегет Адидас тренерка и ми рекоа ‘еве си ти на сликата’. Почнаа да удираат и да бараат да потпишам изјава во која ќе изгледам виновен,“ изјави Видевски.

Од почетокот, Видевски нагласи дека не знаел ништо за случајот и дека бил принуден да потпише изјава поради страшната тортура. Изјави дека бил удиран со дрвена палка од полициски службеник, кој зборувал на источно-македонски дијалект и го натерал да потпише дека го познавал таткото на убиеното девојче.

„Ме прашаа дали го познавам таткото на девојчето. Нормално, не го познавам, но на крајот ми рекоа ‘ќе те убијам ако не кажеш’ и ме натераа да кажам дека го познавам. Потоа ме вратија во ќелија и ме однесоа во Јавното обвинителство. Тогаш дадов иста изјава, бидејќи бев под огромен страв,“ рече Видевски.

На прашањето од обвинителството дали е точно дека на 26 ноември добил порака од Палевски да дојде во седиштето на партијата, Видевски одговори: „Дефинитивно не е точно. Таткото на девојчето не го познавам и никогаш не сум го видел.“

Следното рочиште за убиството на Вања и Панче ќе продолжи на 26 декември со сослушување на Видевски.