Собраниската комисија за одбрана и безбедност утврди Предлог резолуција за миграциската политика на Македонија 2026-2030 со Акциски план и го проследи за понатамошна процедура во македонскиот Парламент.
Општата цел на резолуцијата за миграциската политика на Македонија за периодот 2026-2030 година е создавање на институционални и други претпоставки за развој на одржлива и сеопфатна рамка за управување на легалните и илеганите миграции во функција на унапредување на развојот на земјата – истакна заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени.

– Резолуцијата ќе се реализира во шест стратегиски области, односно поддржувачка рамка, веродостојни и ажурирани податоци, управување со легалната миграција, управување со илегална миграција, влез и престој на странците во Македонија и градење на партнерства за унапредување на меѓународната соработка во областа на миграциите, информира заменик министерот за внатрешни работи Исени.
Членовите на собраниската комисија за одбрана и безбедност без забелешки ја прифатија предложената резолуција за миграциската политика на земјава за периодот 2026-2030 година, како и измените на Статут на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје, придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

-Со развојот на Воената академија „Генрал Михаило Апостолски“ се укажа потреба од зголемување на дејноста, односно формирање Институт за воени науки. Статутот претставува развоен процес за продолжиме со своите активности за што максимална поддршка имаме од министерот за одбрана кој покажа и докажа дека Армијата и Министерството за одбрана, и Воената академија се многу битен фактор во развојот на офицерскиот кадар, нагласи деканот на академијата, полковник Ненад Танески.
На седницата на собраниската комисија за одбрана и безбедност беше нагласено дека за измените на Статутот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје, придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, пристигнало позитивно мислење од македонската Влада.

