Или Фахрудин Хамиди и другите директори во македонската навигација ќе заминат, или се затвора небото, над Македонија нема да летаат авиони. Оваа порака ја испрати Александар Тасевски, првиот човек на Синдикатот на М-НАВ.
Синдикалците велат дека немаат друга опција освен од 10-ти јануари да прекинат со работа, а тоа би траело до исполнување на нивните барања.
Според Тасевски, заминувањето на раководните лица е логична последица на сите случувања и скандалозниот напад во Контролата на летање, што резултираше со кривична постапка против неколку лица.

-Се надеваме дека сето ова што се случи ќе резултира со разрешување на директорите во М-НАВ. Во спротивно покажуваат дека и во Владата не им е битно ништо освен фотелјите, кажа Тасевски.
За скандалот на скопскиот аеродром реагираше и Платформата на граѓански организации против корупцијата. Бараат целосно да расветлат деталите околу насилниот инцицент во М-НАВ, но и сите други сомнежи пред се за корупција во македонската навигација.
-Платформата бара од Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство, да се испитаат и сите индиции за корупција или ризици од корупција во работењето на М-НАВ на кои досега е укажано, токму поради потребата од воспоставување на систем во кој ќе се постапува по сигналите за злоупотреба во работењето. Само на тој начин, системот ќе им демонстрира на досегашните и идните сведоци на корупцијата во рамките на институциите дека има поента да пријават корупција, и дека по нивните сведоштва ќе се постапува, се вели.
Иако инцидентот се случи во четвртокот, кај премиерот Ковачевски немаше причина да свика вонредна владина седница во петокот, што беше работен ден. Тој и министрите решија да одморат за божиќните празници, па одлуката за разрешување на функционерите во М-НАВ ќе ја носат утре, на редовна владина седница.
Инаку, извршниот директор на македонски навигации Фахрудин Хамиди, придружуван од вториот директор Хасим Дехари го оквалификува упадот како кошкање меѓу колеги и најави дека ќе ја чека одлуката на за нивно разрешување. Осомничени за инцидентот се 8 лица, меѓу кои и поранешниот министер и координатор на ДУИ во Чаир, Беким Незири.
Истиот ден кога Владата ќе одлучува за судбината на Хамиди и колегите, Финансиската полиција ќе влезе во М-НАВ за да го испитува работењето на државната компанија. Ќе ја чешлаат документацијата за финансиското работење, најмногу во делот на вработувањата, но и јавните набавки. Покрај работење на македонската навигација, ќе се испитува и финасиското работење на синдикалната организација.
Матеја Петровски
