Непријатен мирис, загаден воздух, терен прекриен со тони песок. Ова остана да сведочи по страшниот пожар во магацините со електронски отпад и пластика. Денеска во Трубарево е тивко, полицијата го обезбедува теренот и не дозволува пристап на лице место каде што изби пожарот.
Речиси и да нема луѓе во околината на складиштата кое во саботата гореше до доцна во ноќта. По некој жител кој дошол да си ги земе потребните работи, и привремено да го напушти живеалиштето. Голем дел од граѓаните кои живеат во близина беа предупредени да се евакуираат уште саботата ноќта. На местото на пожарот кој беше ставен под контрола по долга интервенција од над 15 часа сега има само земја.
Тивко е и во останатиот дел од селото Трубарево, а и околу основното училиште.

Основното училиште „Крум Тошев“ во Трубарево не работи. Нема ученици во школскиот двор, вратите се затворени. Како што најавија надлежните, следниот период ќе се одржува онлајн настава.
Најважниот аспект на интервенцијата е што немаше човечки жртви ниту повредени пожарникари, што е резултат на добро организирана акција на Диркецијата за заштита и спасување, пожарникарските, полициските и армиските сили.
Пожарот во Трубарево е целосно изгаснат. Целата опожарена површина е затрупана со песок и земја. Утрово покажуваше на некои места слабо чадење, но врз истото беше дејствувано со специјална пена и со дозатрупување со земја. Останати се дежурни екипи на Скопската бригада за противпожарна заштита. Ако се утврди било какво чадење, ќе дејствуваат веднаш, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Пожарот што избувна во саботата во магацини каде се складирале електронски отпад и пластика, беше успешно изгаснат доцна во ноќта. Тешката акција вклучуваше интервенција од копно и од воздух. Беа активирани хеликоптери, ер трактори, возила со специјална пена, водените топови на ЕБР. Сликата вчера беше застрашувачка – црн чад го обви Скопје, а пожарникарите со посебна опрема се бореа со огнената стихија во екстремно тешки услови.
