За десетина дена пуштени во употреба 3 важни делници, во вредност од 220 милиони евра. Владата вели посветено работи на подобрување на инфраструктурата во државата и подобрување на стандардот. Проектите кои стоеја закочени и недовршени сега се функционални за граѓаните, а се работат и нови кои треба да ја дочекаат својата реализација.
Според граѓаните, досегашниот ангажман на Владата влева оптимизам дека работите ќе тргнат на подобро. Дел од нив сметаат дека нецела година колку што е ВМРО ДПМНЕ на власт е сепак краток период за да се оцени работата на Владата и очекуваат дека ќе се заврши она што е започнато и што е ветено.
Само во јануари се пуштија во употреба три значајни проекти. На стартот на годинава беше пуштен експресниот пат Страцин – Крива Паланка во должина од 25,5 километри. Со овој патен правец од Крива Паланка до Страцин наместо за половина час се патува за десет минути, а од Куманово до Крива Паланка патувањето од еден час е намалено на четириесет минути. Патувањето од главниот град до Крива Паланка пак е скратено за скоро половина час. Овој експресен пат чини 102 милиони евра од 14 грант од ЕУ, а 88 милиони евра поволен кредит од Светска Банка. На делницата Куманово – Страцин – Крива Паланка од 25 километри на 16, 5 воопшто немало асфалт, проектот бил во фаза на замрзнување, воопшто немало работници на терен, а повлечен бил и надзорот на проектот. Откако Владата успеа да испреговара и да го врати изведувачот и надзорот, се работеше интензивно па стартува и работа во зимски услови за прв пат во Македонија иако тоа е пракса во светот со децении нананазад.

Десет дена подоцна беше пуштен во употреба Градско – Дреново во должина од 15,5 километри кој е дел од паневропскиот коридор 10, финансиран преку ЕУ грант во вредност од над 35 милиони евра. И тука имало сериозни проблеми недостасувале 13 милиони евра за да се доврши проектот, косините воопшто не биле решени за време на претходната власт, а изведувачот се подготвувал за арбитража поради одредени документи кои не биле потпишани иако биле договорени. По промената на власта се успеа да се решат проблемите со изведувачот во септември и од тогаш се работеше интензивно за да се заврши патот .
Вчера после речиси три децении помина воз по пругата Куманово – Бељаковце . Владата ја пушти во употреба пругата која е дел од источниот коридор 8 и прва фаза од пругата кон Бугарија. Сега фокусот се става на изградба на втората фаза од Бељаковцве до Крива Паланка, а третата фаза ќе чека на договор со Бугарија. Проектот за третата фаза ќе мора да се менува оти минатата власт оставила во наследство проект за пруга која завршува во тунел без крај . Според досегашните преговори Македонија и Бугарија ќе го градат тунелот заеднички.
