Претседателот Доналд Трамп сигнализира голема промена во тоа како САД ќе го поддржат растот во клучните домашни индустрии како што се полупроводниците. Особено по пандемијата стана јасно дека земјите зависат само од неколку фабрики ширум светот. Јованчо Наумоски од Гласот на Америка ги има деталите.
Во својот говор пред Конгресот, претседателот Доналд Трамп го критикуваше, нешто што се нарекува, Закон за чипови.
„Вашиот закон за чипови е ужасна, ужасна работа. Даваме стотици милијарди долари и тоа не значи ништо“, рече Трамп.

Трамп зборува за речиси 53 милијарди долари субвенции за производство и истражување на полупроводници во САД кои поранешниот претседател Џо Бајден ги потпиша како закон. Конгресот го усвои актот во 2022 година, поради загриженоста на американското потпирање на полупроводници произведени во странство.
Чиповите се користат во низа производи за широка потрошувачка, како што се автомобилите и ајфоните. Американските компании особено се потпираат на напредните чипови направени од Тајванска компанија за производство на полупроводници или ТСМЦ.
Целта на субвенциите на Законот за чипови беше да се зајакне производството на полупроводници во САД и да се поттикнат фирмите да градат фабрики во САД.
На ТСМЦ му беа доделени 6,6 милијарди долари и се обврза да инвестира 65 милијарди долари за изградба на три фабрики во Аризона.
Откако го започна својот втор мандат на функцијата, Трамп најави царини за да ги поттикне клучните домашни индустрии. Тој се закани со тарифи за увезените чипови и тврдеше дека Законот за чипови не е испорачан.
„Тие немаат ништо друго освен пари, Џо. Не им требаа пари. Ним им беше потребен поттик, а поттикот ќе биде дека нема да сакаат да платат данок од 25, 50 или дури 100%, вели Трамп.
Трамп објави дека ТСМЦ се согласил да потроши дополнителни 100 милијарди долари во следните четири години за изградба на нови американски капацитети за изработка на чипови од високата класа на фирмата кои се користат за вештачка интелигенција и паметни телефони.
„Ние не им даваме пари“, додаде тој.
Трамп рече дека Конгресот треба да се ослободи од Законот за чипови, а сите преостанати пари треба да се искористат за намалување на долгот. Доминантната позиција на Тајван како производител на чипови кои се користат во технологијата, од мобилни телефони и автомобили до борбени авиони, предизвика загриженост во САД особено по пандемијата откако се утврди дека сите се потпираат на производството во Тајван, особено кога Кина го зголемува притисокот врз островот заканувајќи се со своите претензии спрема суверенитетот на Тајван. Со производството на ваквите чипови и носењето поголем дел од своето производство на тлото на САД би се решило голем ризик во синџирот на снабдување.
Јованчо Наумоски – Глас на Америка
