Студентското движење во Србија изрази незадоволство од предлог-резолуцијата на Европскиот парламент за 35-годишнината од падот и разурнувањето на Вуковар, оценувајќи дека документот не придонесува за објективно согледување на минатото и помирување меѓу народите од поранешна Југославија.
Во соопштението студентите наведуваат дека во предложениот текст речиси целосно се занемарени страдањата на српските цивили во Хрватска, вклучувајќи ги убиствата, протерувањата и уништувањето на имотот. Според нив, во поширокото согледување на војните од деведесеттите години треба да бидат опфатени и операциите „Блесок“ и „Бура“, како и злосторствата извршени врз српското цивилно население. Студентското движење нагласува дека одговорноста за воените злосторства мора да биде индивидуална и утврдена врз основа на докази и правосилни судски пресуди.

