Итната медицинска помош бара посистемски промени, вклучително и формирање посебна служба, воспоставување национален диспечерски центар и воведување стандарди за тријажа, односно процена на итноста на состојбата на пациентите, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање за кадровската екипираност на Итната медицинска помош во Скопје, каде што во една смена има пет тима, Клековски рече дека Министерството има подготвено анализа за предизвиците во оваа служба, а еден од најголемите е недостигот на човечки ресурси.
– Итната медицинска помош бара посистемска промена. Ние имаме комплетна анализа за предизвиците што ни претстојат таму, покрај одвојувањето во посебна служба, градењето на национален диспечерски центар со соодветни стандарди за тријажа, кој пациент е итен, кој не е итен, и изедначено постапување на сите тимови – рече Клековски.
Тој посочи дека анализата покажува оти до 2030 година околу 300 вработени во Итната медицинска помош на ниво на целата држава ќе заминат во пензија и ќе треба да бидат заменети.
Како една од мерките за надминување на кадровскиот недостиг, Министерството подготвува измени на законската регулатива со кои ќе се воведе нова функција парамедик, за која Клековски смета дека на одреден начин ќе помогне во надоместувањето на недостигот од кадар.

На прашањето дали има недостиг на лекови на Клиниката за онкологија, Клековски нагласи дека одговорноста за обезбедувањето лекови и терапија на Клиниката за онкологија е кај директорот на установата и прашањата за недостигот треба да му бидат упатени нему.
Во однос на децентрализацијата на давањето терапија, министерот посочи дека ова прашање се дискутира подолго време, но дека во изминатите две години се обидел преку позитивни примери да покаже дека таквиот начин на организирање е возможен.
Како пример ја посочи Клиниката за неврологија, каде што терапијата за пациентите со мултипла склероза се обезбедува на децентрализиран начин.
– Се обидов изминатите две години преку поставување позитивни примери, како што е на Клиниката за неврологија со терапијата за мултипла склероза, на сите да им покажеме дека тоа е возможно, дека не е тоа ракетна наука – рече министерот.
Тој оцени дека и покрај постојните примери, има отпор кон спроведувањето на децентрализацијата и дека здравствениот систем останува заглавен во статус-кво состојба.
Клековски очекува директорите на јавните здравствени установи, пред сè на клиничките болници во Тетово, Битола и Штип, каде што има онколози, да преземат активности за децентрализацијата да се реализира што поскоро.
– Со докажување дека е возможно, значи веќе имаме успешни примери на децентрализација. Се надевам дека директорите на соодветните јавни здравствени установи, тука пред сè мислам на клиничките болници Тетово, Битола, Штип, каде што има онколози, ќе го осмислат тоа да биде направено во најбрзо време – истакна Клековски.

