Општина Богданци денеска и утре е домаќин на манифестацијата „Образовно рандеву 2026“ во организација на Младинската асоцијација на средните стручни училишта во Македонија (МАССУМ).
Во текот на овие два дена, Богданци ќе пречека претставници на 43 средни стручни училишта од државата, кои преку натпревари, вештини и креативност ќе ги покажат своите знаења и таленти.
Во двата дена учениците ќе се натпреваруваат во најдобра поетска творба, социјален бизнис модел, најдобра фотографија, кариерно портфолио, интервју за работа, најдобра драмска претстава, бенд и соло изведувач, најдобар постер и кратко видео, јавно говорење и во други категории.

– Вашето многубројно присуство денес сведочи за значењето на овој настан и за нашата заедничка мисија, да им овозможиме на младите повеќе простор за развој. И оваа година учениците ќе имаат можност да ги покажат своите знаења, вештини и интереси преку натпревари што ја поттикнуваат нивната креативност, иновативност и тимска работа, истакна Росица Шабанова, директорка на СОУ „Богданци” од Богданци.

Добредојде на учесниците им посака и градоначалник на Општината, Блаже Шапов, кој посочи дека младите се најголема и највредна инвестиција.
– Затоа континуирано вложуваме во подобрување на условите за учење, во образовната инфраструктура и во иницијативи кои ве подготвуваат за предизвиците од новото време, рече Шапов во своето обраќање.
Средношколците учесници им порачаа на следните генерации дека запишувањето во стручно образование е добар избор.
– Сакаме да им укажеме на тие што сега ќе се запишуваат дека средното стручно училиште е многу подобар избор. На тоа сакаме да ги поттикнеме преку нашите изработки кои денес ги претставивме како на пример масти, креми, масло за коса и други препарати од медицинската струка, како и производи од дрво и разни земјоделски култури, истакнаа учесниците од едно од средните стручни училишта.
Младинското образовно рандеву кое е 21. по ред, за првпат се одржа во Скопје 2006 година. На настанот учествуваат ученици со нивните ментори наставници, кои ќе се натпреваруваат во 16 категории.
