Дали „бомбите„ на Заев можат да бидат доказ некој да биде осуден – Стразбур повторно ја отвора дилемата, за која се дебатира уште од првата судска пресуда во Македонија. Судиите од европскиот суд за човекови права се прашуваат и упорно бараат одговори од Македонија дали осудените, за време на судењето, имале право да се бранат, како што налагаат нашиот устав и меѓународните норми, со оглед на фактот што главни докази биле аудио-снимки од незаконски пресретнати комуникации. Во второто барање до македонската Влада, од фебруари годинава, во фокусот на Стразбур е предметот „Труст“, во кој бизнисменот Сеад Кочан беше осуден на 4 години и 8 месеци затвор. Тој се жалел дека никогаш не било направено експертско вештачење на прислушуваните материјали,а снимките биле под ексклузивна контрола на Обвинителството. Меѓународниот Суд сега бара одговор – ако одбраната немала целосен пристап и можност да ги оспори доказите, може ли воопшто да се зборува за фер судење. Одговорот на ова прашање може да има сериозни последици – не само за „Труст“, туку и за сите други случаи во кои клучен доказ беа токму „бомбите“.
“Владата да се изјасни и дали биле почитувани принципите на контрадикторност и еднаквост на оружјата, односно дали одбраната имала реална можност да се запознае со доказите и да ја оспори нивната автентичност. Проблематична е ситуацијата во која одбраната не ги добила аудио-снимките на носач на податоци, туку само нивни транскрипти, што отвора сериозни дилеми за можноста за ефективна експертска анализа на доказите”, е дилемата на Европскиот суд за човекови права.
Судот посочува дека одбраната не ги добила оригиналните аудио-снимки, туку само нивни транскрипти. Според Судот, ова отвора сериозни сомнежи дали било можно независно и стручно да се провери автентичноста на доказите.

”Еден од централните аргументи на апликантот е дека автентичноста, интегритетот и контекстот на разговорите никогаш не биле форензички утврдени. Во апликацијата се тврди дека не било спроведено експертско вештачење за идентификација на соговорниците, за потеклото на снимките и за нивната техничка исправност, што, според одбраната, остава простор за сомнеж во нивната доказна вредност” велат од Европскиот суд за човекови права.
Предметот „Кочан против Македонија“пред Европскиот суд за човекови права отвора сериозно системско прашање – дали прислушуваните материјали од масовното незаконско следење смеат да бидат основа за законски и фер судења. Со тоа што Судот ја прифати апликацијата и директно ја прашува Владата за фер судење, законитоста на доказите и еднаквоста на оружјата, јасно е дека темата ја третира како суштински правен проблем.
Одлуката може да влијае и врз други предмети во кои „бомбите“ беа клучен доказ, меѓу нив и „Титаник“. Ова не е прв сигнал од Стразбур. Лани во ноември, Судот испрати прашања до македонските власти и за случајот „Тенк“, по жалбата на Гордана Јанкулоска. Во двата случаи, клучното прашање е исто – кога доказите се од тајно прислушување, дали биле почитувани стандардите од членот 6 од Европската конвенција за човекови права и дали постапката била навистина фер.
