Собранието денеска ќе ја одржи 100-та седница, на чиј дневен ред се вкупно 17 точки.
На денешната седница пратениците ќе дискутираат по Предлог на законот за ратификација на Рамковниот договор за воена соработка меѓу Владата на Македонија и Владата на Република Турција, Предлог законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Република Турција за соработка во областа на образованието, Предлог законот за ратификација на Спогодбата меѓу Македонија и Европската инвестициска банка во однос на основањето на претставништвото на Европската инвестициска банка во Македонија и Дополнетиот предлог на закон за Советот на јавните обвинители на Македонија во второ читање.
Во прво читање се Предлог законот за младински додаток, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за индустриски-зелени зони, Предлог законот за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, Предлог законот за основање на Факултет за медицински науки и здравство во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, сите во прво читање и Предлог одлуката за одобрување на Годишен извештај за работата на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2025 година.

Пред пратениците е разгледувањето на годишни извештаи на неколку агенции и комисии за 2025 година – Годишниот извештај за работа на Агенцијата за електронски комуникации, Годишниот извештај за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Годишниот извештај за работа на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија, Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права и Годишниот извештај за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
На дневен ред се и посебните извештаи на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за избор на градоначалници и советници во општините во Македонија и на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за повторни избори за градоначалник на Општина Гостивар, градоначалник на општина Врапчиште, градоначалник на општина Маврово и Ростуше и за градоначалник на Центар Жупа – 2026 година.
