Министерот за правда Јетон Шасивари остварил билатерална средба со министерот за правда на Ирска, Џим О’Калахан, во рамки на Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан, за правда и внатрешни работи, што се одржува во Будва.
Во фокусот на средбата биле продлабочувањето на соработката меѓу двете земји и поддршката на Ирска во процесот на европска интеграција на земјава.
Министерот Шасивари изразил благодарност за континуираната поддршка на Ирска за нашата земја, како и за нејзиниот ангажман за време на претседавањето со Советот на ЕУ, нагласувајќи ја важноста од продолжување и зајакнување на ова партнерство.
– На средбата, министерот го информираше ирскиот колега за реформската агенда на државата, со посебен акцент на подготовката на новиот Кривичен законик, новиот Закон за кривичната постапка, Законот за Јавното обвинителство, Законот за судскиот буџет и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, информира Министерството за правда.
Една од клучните теми била дигитализацијата на правосудството. Министерот Шасивари побарал поддршка, експертиза и искуство од Ирска во подготовката и спроведувањето на Стратегијата за информатичко-комуникациска технологија во правосудството, со цел модернизација на услугите и зголемување на институционалната ефикасност.
Во разговорите била истакната важноста на Извештајот на Европската комисија за 2026 година, чии препораки претставуваат значајна насока во спроведувањето на реформските приоритети.
Министерот Шасивари нагласил дека реформите во правосудството бараат одлучност, одговорност и стабилни европски партнерства, со цел изградба на поефикасен и модерен правосуден систем.

