Во галеријата „Gallery MC“ во Њујорк беше отворена самостојната изложба „Trapped in the Nets“ на македонскиот визуелен уметник Сашо Блажес.
Како што соопштува Блажес, изложбата, која трае до 10 ноември, обединува слики од голем формат на синтетичко церадно платно и дела на алуминиум со примена на смола и мрежа.
Ликовниот уметник Иванчо Талевски, во својот осврт кон изложбата вели дека Блажес се свртува кон водите на Охридското Езеро, не само како мотив, туку како водечка логика на мислата и материјалот, користејќи го потопувањето како состојба и метафора за перцепцијата и спознанието.
– Неговиот творечки процес во атељето го пресликува токму овој чин на потопување: тој преклопува, брише и одгрнува слоеви боја, дозволувајќи ѝ на суровата, индустриска површина на синтетичката церада, преклопената мрежа и алуминиумот да диктираат каде бојата ќе се таложи, а каде ќе се разлее. Гради површини за потоа намерно да ги оштети и еродира, доведувајќи ја секоја слика до самиот раб на колапс за да види што ќе остане – вели Талевски.
Визуелниот уметник Сашо Блажес е роден во Охрид. Дипломирал ликовна уметност во 2006 година и магистрирал графика во 2008 година на Универзитетот за уметности во Букурешт. Неговата изложбена практика вклучува самостојни претставувања во Париз, Венеција, Грац, Букурешт, Скопје и Охрид. Од 2015 година работи како конзерватор за штафелајно сликарство во НУ Завод и музеј – Охрид.

