Реклама

Николоски: Почнуваме со реализација на третата секција од железничкиот Коридор 8, Македонија станува раскрсница на Балканот

Простор за паника нема – државната каса се полни со забрзано темпо

Скопјани летово ќе мора да „пливаат на суво“: базенот СЦ „Борис Трајковски“ е затворен по штетите од невремето

Алфа репортажа: Како изгледа топлотниот бран на скопските улици?

Го креираа францускиот предлог, ама сега од СДСМ обвинуваат дека Владата тајно преговарала

Енергетската состојба во Македонија е стабилна

Дволичен Еди Рама: За Тиранска платформа му одговараа Албанците од Македонија, сега кога му гори под нозе стануваат „персона нон грата“

Пет пожари го кренаа Кавадаречко на нозе – огнот под контрола, се очекува целосно гаснење

Двајца Албанци од Македонија на црна листа во Албанија: Тирана се сомнева дека работеле за терористички организации

Водата во Гостивар останува само за техничка употреба, контролите ќе се засилат

Алфа анкета: ги почитуваат ли граѓаните препораките за топлотниот бран?

Нов сомнителен случај од Западно-нилска треска, на инфективна се уште има пациенти во критична состојба

Македонија

Серафимовски: Не ни е потребно земјоделство што опстојува од сезона до сезона, туку производство што расте, создава приходи и обезбедува храна за државата

Храната и водата се прашање на национална сигурност. Држава што не може…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Храната и водата се прашање на национална сигурност. Држава што не може да обезбеди доволно сопствена храна станува економски поранлива и директно зависна од цените, флуктуациите и кризите на меѓународните пазари. Во намерата за остварување на нашата развојна визија – поголемо, сигурно и современо земјоделско производство што ќе ги задоволи домашните потреби, најголемиот предизвик е да го напуштиме застарениот, конзервативен модел во кој аграрната политика се сведува на исплата на субвенции и решавање проблеми откако веќе настанале, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.

Како што нагласува Серафимовски, субвенциите се неопходни, но не се конечната цел. Неопходно е да прераснат во средство или системска мерка која ќе биде поефективна од аспект на повисоки приноси, пониски трошоци за производителите, подобар квалитет и поголема додадена вредност за секој земјоделски производ. 

– Нема повеќе да биде доволно да кажеме колку пари сме исплатиле, ќе мора да покажеме колку повеќе храна сме произвеле. Успехот ќе го мериме преку поголемо домашно производство, повисоки приноси, подобар квалитет, посигурни и повисоки приходи за земјоделците, потенцира министерот.

Реклама

Осврнувајќи се на актуелни теми во секторот, Серафимовски истакнува дека аплицирањето за субвенциите за 2026 година е веќе почнато. Во завршна фаза се измените на Програмата за финансиска поддршка за 2026 година, по чие усвојување ќе следуваат исплатите, а земјоделците навремено ќе бидат информирани за редоследот и динамиката.

Според министерот, годинашната пченица е со добар квалитет. Рано е да се каже дали година во однос на откупот ќе се интервенира преку Агенцијата за стоковни резерви.

– Сега е клучно откупот да се одвива организирано и согласно законските правила. Во моментов нема причина за загриженост, внимателно ги следиме динамиката на откупот и движењата на пазарот. Редовно се вршат контроли кај регистрираните откупувачи. Во однос на евентуална интервенција преку Агенцијата за стоковни резерви, во оваа фаза е прерано да се даде конечна оценка. Станува збор за системска мерка што се активира врз реални податоци и потреби, а не врз претпоставки. Во наредниот период ќе ја следиме динамиката на откупот, количините што се преземаат и движењето на цената, по што ќе се процени дали постои потреба од дополнителна интервенција. Државата е подготвена да реагира и да ги заштити производителите доколку пазарните состојби го наложат тоа, дециден е министерот.

Тој се осврнува и на сипаниците кај малите преживари. Порачува дека одгледувачите мора да покажат одговорност – да внимаваат како го чуваат добитокот и да ги почитуваат мерките што важат во услови на појава на ваква болест.  

– Имаме проблем со овчите сипаници. Сточарите велат: „Ние сме загрижени, ќе ни се уништи сточниот фонд“. Да, грижата ви ја разбирам, ама вие не водите сметка, од друга страна. Прво, носите на продажба овци на сточен пазар што е затворен со наредба од АХВ. Второ, ги мешате овците во малите рурални средини меѓу себе: и пет овци да се, без разлика, може да бидат преносители. Човекот е преносител, возилото со кое пристапувате таму е преносител. Затоа имаме зголемување на заразени животни. Со сточарите и со АХВ имаме постојана комуникација. Со директорот Миланов секојдневно се слушаме, следиме се. Се обидовме да видиме дали има можност за лечење – нема. Науката вели дека грлата мора да угинат и тоа е тоа. За нив државата плаќа обесштетување. Знам дека одгледувачите се жалат оти биле ниски обесштетувањата, но проблемот е друг. Проблемот е како да се зголеми сточниот фонд? Потребни се најмалку пет години за сточниот фонд повторно да се стави во форма. Болеста тешко се контролира и во овој случај прво мора одгледувачите да бидат одговорни, да ги почитуваат мерките, укажува Серафимовски.

Министерот зборува и за новите ИПАРД повици, извозот, измените на Законот за земјоделство и рурален развој, реализацијата на Националната програма за поддршка,… 

Министре, неодамна стапивте на функцијата, со владината реконструкција. Што ќе Ви биде приоритет во мандатот, ако се земе предвид дека агро-секторот е многу комплексен? Кои, според Вас, се клучните предизвици или најгорливите прашања?

Мојот приоритет е Македонија да произведува поголем дел од храната што ја троши и да ја намали зависноста од увоз, со една крајна идеја, полека, но сигурно да се движиме кон точка во која државата ќе ни биде самодоволна од аспект на задоволување на потребите. Храната, вклучително и водата, се прашање на национална сигурност. Држава што не може да обезбеди доволно сопствена храна станува економски поранлива и директно зависна од цените, флуктуациите и кризите на меѓународните пазари. Што значи, ранливост на надворешни фактори врз кои не можеме да имаме влијание и да ги контролираме. Во овој контекст, успехот ќе го мериме преку поголемо домашно производство, повисоки приноси, подобар квалитет, посигурни и повисоки приходи за земјоделците.

Во намерата за остварување на оваа развојна визија на земјоделството кое треба да не води кон поголемо производство, најголемиот предизвик е да го напуштиме застарениот, конзервативен модел во кој земјоделската политика се сведува на исплата на субвенции и решавање проблеми откако веќе настанале. Земјоделството треба да се движи кон современо производство засновано врз наука, дигитализација, нови технологии и прецизно планирање. Податоците за почвата, временските услови и болестите, современата механизација, новите сорти и научните сознанија треба системски да се насочат, да стигнат до производителите и да прераснат во интегриран дел од нивната секојдневна работа.

Нема повеќе да биде доволно да кажеме колку пари сме исплатиле, ќе мора да покажеме колку повеќе храна сме произвеле. Субвенциите се неопходни, но не се конечната цел. Неопходно е прераснат во средство или системска мерка која ќе биде поефективна од аспект на повисоки приноси, пониски трошоци за производителите, подобар квалитет и поголема додадена вредност за секој земјоделски производ. На оваа линија, државата ќе ја преземе улогата на проактивен партнер што обезбедува услови, отвора пазари и ги отстранува пречките. Но, сметам дека напредокот бара споделени напори, односно поголема иницијативност, здружување и подготвеност и на производителите да применуваат нови, современи, научни и технолошки решенија.

Нашето земјоделство е дел од регионалниот и европскиот пазар, а тој пазар не чека. Конкуренцијата е силна, стандардите се високи, а побарувачката брзо се менува. Поради тоа, политиките ќе ги насочувам кон правци кои водат до поефикасно организиран откуп, договорно производство кое ќе се заснова на поголема взаемна доверба меѓу откупувачите и производителите, поголеми преработувачки капацитети, функционални задруги и динамична стратегија за извоз. Во организиран систем, кон кој се стремам, земјоделецот однапред ќе знае за кого произведува, кои стандарди треба да ги исполни и под кои услови ќе го продаде производот.

Меѓу најгорливите прашања со кои се соочуваме се и наводнувањето, активирањето на необработеното земјиште, климатските ризици, недостигот од работна сила и слабата поврзаност меѓу науката и производството. На овие проблеми ќе одговориме со конкретни и системски мерки. Не ни е потребно земјоделство што само опстојува од сезона до сезона, туку производство што расте, создава приходи и обезбедува храна за државата.

Но, за да дојдеме до посакуваните промени во земјоделството, почнавме од институцијата што треба да ги предводи. Министерството веќе работи поотворено, со навремени и достапни информации и со поголема отчетност пред земјоделците и јавноста. Транспарентноста не е моја заложба за некое идно време, тоа е принцип и практика што веќе ја применуваме и постојано ја унапредуваме. Само министерство што работи отворено и одговорно може да ја изгради потребната доверба и уверливо да ги предводи промените во македонското земјоделство.

Во тек е жетвата на пченицата. Каков е квалитетот и дали очекувате годинава да има проблеми со откупната цена? Се размислува ли, можеби, за евентуална интервенција преку Агенцијата за стоковни резерви? (лани беа откупени 9.000 тони домашно жито)

Годинашната пченица е со добар квалитет, а беше засеана на повеќе од 63 илјади хектари. Сега е клучно откупот да се одвива организирано и во согласност со законските правила. Во моментов нема причина однапред да се создава загриженост, но внимателно ги следиме динамиката на откупот и движењата на пазарот.

Државниот инспекторат за земјоделство редовно врши контроли кај регистрираните откупувачи. Се проверува исполнувањето на минимално-техничките услови, соодветноста на просториите и опремата, склучените договори за откуп, користењето верификувани мерни инструменти и исполнувањето на другите законски обврски. Досега не се утврдени неправилности во овој дел. Сите надлежни служби се мобилизирани за откупот да се одвива организирано и во согласност со регулативата.

Откупната цена е предмет на пазарни и берзански движења и не може да се разгледува изолирано од меѓународниот пазар.

Во однос на евентуална интервенција преку Агенцијата за стоковни резерви, во оваа фаза е прерано да се даде конечна оценка. Станува збор за системска мерка што се активира врз реални податоци и потреби, а не врз претпоставки. Во наредниот период ќе ја следиме динамиката на откупот, количините што се преземаат и движењето на цената, по што ќе се процени дали постои потреба од дополнителна интервенција. Државата е подготвена да реагира и да ги заштити производителите доколку пазарните состојби го наложат тоа.

Владата донесе одлука со која се обезбедени над 10 милиони евра за откуп на оризова арпа и на „вранец“. Колкава е залихата на оризова арпа и дали со оваа мерка очекувате откупот да се одвива навремено (и кај арпата и кај „вранец“-от), а предадениот род да биде исплатен во утврдениот рок?

Во моментов на залиха има околу 5.000 тони оризова арпа. Станува збор за количина што треба навреме да влезе во откупниот и преработувачкиот циклус, без да создава дополнителен притисок врз производителите пред новата жетва.

Токму затоа Владата реагираше пред почетокот на главниот откупен период. Обезбедени се вкупно 793,4 милиони денари, од кои 240 милиони за откуп на оризова арпа и 553,4 милиони денари за откуп на винско грозје од сортата „вранец“. Овие средства се поволна кредитна линија која ќе се реализира преку Развојната банка, со фиксна каматна стапка од еден отсто, грејс-период до три месеци и без провизија за управување со кредитот.

Да, имаме реална основа да очекуваме откупот да почне навреме и кај оризовата арпа и кај вранецот. Со мерката отстранивме една од главните пречки во откупот, а тоа е недостигот од ликвидни средства во периодот кога откупувачите треба да го преземат родот, а приходите од неговата продажба или преработка ги остваруваат подоцна. Одлуката е донесена навреме, за проблемите да се спречат, а не да се решаваат откако ќе настанат. Министерството активно ќе ја следи реализацијата на мерката, динамиката на откупот и почитувањето на обврските кон производителите.

Актуелна е болеста сипаници кај овците и козите. Одгледувачите бараат вакцинација на грлата, се жалат дека институциите не реагираат навремено и дека обесштетувањето е многу ниско. Каква е состојбата, колкава е бројката на угинати животни и колку ќе влијае на сточниот фонд?

По првиот потврден случај на крајот на јануари 2026 година, досега се потврдени 36 жаришта на болеста во Североисточниот, Вардарскиот и Источниот регион. Од вкупно 4.632 приемчиви животни, лабораториски се потврдени 137 случаи, 75 умрени животни, а согласно мерките за искоренување на болеста, усмртени (евтаназирани) се 3.351 животни.

За спречување на понатамошното ширење на болеста, се спроведуваат сите пропишани мерки, вклучително и воспоставување заштитни и надзорни зони, ограничување на движењето на овци и кози, депопулација на заразените стада, дезинфекција, епидемиолошки истраги и засилени биосигурносни мерки.

Во однос на прашањето за воведување вакцинација против сипаници, Агенцијата за храна и ветеринарство има формирано експертската група на која се разгледува тековната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овци и кози, се презентираат информации за преземените мерки и анализи за преземање на понатамошни мерки како и разгледување на можноста за воведување на вакцинација против болеста.

Што се однесува пак до вакцинацијата, надлежните институции ја следат епидемиолошката состојба и ги разгледуваат сите можни опции. Во таа насока, веќе е побарана повторна поддршка од Европската комисија за испраќање експертска мисија (EUVET), како и можност за обезбедување вакцини против сипаници кај овците и козите од вакциналната банка на Европската Унија. Одлуката за евентуална масовна вакцинација ќе биде донесена врз основа на проценката на ризикот и препораките на домашните и европските експерти. Моменталниот став на надлежните институции е дека нема да се спроведува вакцинација во овој момент. Истовремено истакнуваме дека оваа мерка не се спроведува по индивидуална одлука на одгледувачите, туку исклучиво врз основа на проценка на ризикот и во согласност со мерките што ќе ги утврдат надлежните органи. Станува збор за жива атенуирана вакцина која не е одобрена за употреба во Европската Унија, а нејзината неовластена употреба, особено доколку е нелегално увезена и неправилно аплицирана, може да претставува дополнителен ризик за ширење на болеста.

Воедно, апелираме одгледувачите да не набавуваат и да не применуваат вакцини надвор од официјалниот ветеринарен систем.

Проценката и обесштетувањето се вршат согласно Одлуката за определување на пазарната вредност на животните кои се одземаат заради сузбивање и искоренување на заразни болести на територијата на државата.

Во оваа фаза е рано да се даде конечна проценка за влијанието врз сточниот фонд. Сепак, со доследно спроведување на ветеринарно – здравствените мерки и почитување на биосигурносните правила, целта е болеста што побрзо да се стави под контрола и да се минимизираат последиците врз сточарското производство.

Генерално, во однос на добиточниот фонд, бројот на овците и на кравите е намален. Зголемување има само кај свињите. Сакаме да направиме пребројување. Мислиме дека нешто под 300.000 овци ќе бидат. Но, лоша е состојбата и со инфраструктурата на бачилата. Некои уште немаат не само пристапни патишта, туку и струја. Минатата година отидов во Македонски Брод, во едно село, каде што преку задругите се инвестираше во опрема за молзење. И сега, се инвестира во опрема, а нема струја. И патот никаков, но ајде, ќе се качиш со трактор, со некое теренско возило ама струја нема! Такви случаи има многу. Сакам да кажам, нема основните услови, а бачилата се оставени како на времето – руинирани, распаднати. Се инвестира нешто минимално ако има мандра заради некакви основни услови за производство на сирење и тоа е се. Ние се обидуваме се што може да им се даде на одгледувачите, но, сепак, таа инвестициска политика зависи од нив.

Министре, во однос на субвенциите – дали ќе се изменат заострените критериуми со оглед на реакциите на производителите? Ребалансот е донесен, како тече исплатата и која група производители сега може да очекува субвенции?

Реакциите на производителите ги разгледуваме сериозно, но треба јасно да направиме разлика меѓу критериум што неоправдано го оптоварува активниот земјоделец и критериум што спречува злоупотреба на јавните средства. Имаме конкретни случаи во кои се пријавуваат нереални приноси на мали површини или се бара поддршка за грла што реално не постојат. Секој денар исплатен врз основа на фиктивно прикажана состојба е денар помалку за земјоделецот што навистина произведува. Таму каде што анализите ќе покажат дека одреден услов неправедно ги исклучува реалните производители, ќе направиме корекција, но контролите нема да бидат намалени. Субвенциите не смеат да се сведат на социјална категорија или на исплата без мерлив резултат. Нивната цел е да го поттикнат производството, да му помогнат на земјоделецот да инвестира, да се модернизира и да изгради одржливо стопанство со сигурен пласман. Не е доволно да кажеме колку средства сме исплатиле, мора да покажеме и колку производство сме создале и колку вистински производители сме поддржале.

Со ребалансот се обезбедени дополнителни 1,24 милијарди денари. Во изминатиот период се исплаќаа заостанатите обврски од 2021, 2022, 2023 и 2024 година, а со новообезбедените средства со ребалансот се создаваат услови да се затвори и 2025 година.

Аплицирањето за субвенциите за 2026 година веќе е почнато, а во завршна фаза се измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година. По нивното усвојување ќе следуваат исплатите, а земјоделците навремено ќе бидат информирани за редоследот и динамиката.

ИПАРД средствата повторно им се достапни на македонските земјоделци. Кога може да се очекува првиот оглас по ревизијата од Брисел?

Повторната достапност на средствата од ИПАРД е значајна за македонските земјоделци и за продолжување на инвестициите во модернизацијата на земјоделството. Подготовката на следниот јавен повик ќе почне по завршувањето на сите потребни административни, програмски и технички постапки од страна на надлежните институции во системот за управување и контрола на ИПАРД III програмата.

Во оваа фаза не би било одговорно да лицитираме со датум. Точниот термин за објавување, мерките што ќе бидат опфатени, расположливиот буџет и рокот за поднесување на барањата ќе бидат утврдени со одлуката за објавување на јавниот повик. Приоритет е постапката да биде спроведена правилно и повикот да биде подготвен така што потенцијалните корисници ќе добијат јасни услови и доволно време за подготовка на документацијата.

Веднаш по утврдувањето на сите услови, земјоделците и другите потенцијални корисници ќе бидат навремено информирани преку официјалните интернет-страници и комуникациските канали на Телото за управување со ИПАРД, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Во рамки на новата ИПАРД 3 програма (2021-2027) беа предвидени нови агроеколошки мерки. За што конкретно станува збор?

Во рамки на ИПАРД III програмата 2021–2027 е предвидена мерката „Агроекологија, клима и органско земјоделство“, која треба да обезбеди финансиска поддршка за земјоделците што доброволно ќе применуваат земјоделски практики поволни за животната средина и климата. Конкретно, поддршката е предвидена за три вида операции: одржување зелена покривка на земјоделските површини, примена на плодоред во производството на зеленчук и органско земјоделско производство. На површините опфатени со мерката ќе важат и ограничувања за употребата на одредени ѓубрива и други материјали, во согласност со еколошките стандарди и добрите земјоделски практики.

Корисниците ќе преземаат повеќегодишна обврска, со минимално времетраење од пет години, во која континуирано ќе треба да ги почитуваат условите за избраната операција. Активностите ќе се спроведуваат на истите земјоделски парцели во текот на целиот период, со можност почетната површина да се зголеми или намали до 10% годишно. Корисниците ќе бидат должни да водат соодветна евиденција, да ја чуваат потребната документација и да учествуваат на обуки поврзани со спроведувањето на мерката.

Со оваа мерка ќе се поттикнува премин кон поодржливо земјоделско производство, подобрување на квалитетот и плодноста на почвата, намалување на негативните влијанија врз животната средина и понатамошен развој на органското земјоделство. Поддршката нема да биде насочена само кон тековното производство, туку и кон долгорочно зачувување на природните ресурси од кои зависи производството на квалитетна храна.

До каде е подготовката на мерките и постапката за нивна акредитација?

Подготовката на мерката „Агроекологија, клима и органско производство“ е во тек и опфаќа повеќе меѓусебно поврзани активности. Се разработуваат условите и критериумите за прифатливост, обврските на корисниците, начинот на спроведување на предвидените операции, системот на административни и теренски контроли и пресметката на висината на плаќањата. Паралелно се подготвуваат потребните процедури и се зајакнуваат институционалните капацитети за практично спроведување на мерката.

Во процесот се вклучени Телото за управување со ИПАРД, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Националниот службеник за авторизација и другите надлежни институции во системот за управување и контрола на ИПАРД програмата. Нивна заедничка задача е да воспостават функционален систем што ќе ги исполнува националните правила и барањата на Европската Унија.

Имајќи ги предвид активностите за подготовка на правната и процедуралната рамка, воспоставувањето на системот за спроведување и контрола, како и постапката за доверување на задачите за буџетско извршување од страна на Европската комисија, се очекува мерката да биде подготвена за спроведување во текот на 2028 година.

Јавен повик ќе може да биде објавен откако ќе завршат сите национални постапки и ќе биде добиено потребното одобрение од Европската комисија. По исполнувањето на овие услови, потенцијалните корисници навремено ќе бидат информирани за начинот на аплицирање и за обврските што произлегуваат од мерката.

Најавени беа измени на Законот за земјоделство и рурален развој. До каде е процедурата и која е клучната цел за нивното донесување?

Во тек е подготовката на новиот закон за земјоделство и рурален развој. Предлог-текстот е во завршна фаза и се очекува наскоро да биде доставен до Владата на разгледување. По неговото усвојување од страна на Владата, законот ќе биде доставен на консултации до Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој – DG AGRI при Европската комисија. Планирано е целата постапка да заврши и законот да биде донесен во текот на наредната година.

Станува збор за комплексен закон што треба да обезбеди усогласување со европското законодавство за воспоставување и спроведување на поддршката во рамките на заедничката земјоделска политика на Европската Унија. Истовремено, важно за нас како државата е во новото решенија да бидат задржани политиките и мерките што одговараат на специфичните потреби на македонското земјоделство и руралниот развој.

Клучната цел е да изградиме поефикасен, потранспарентен и подобро контролиран систем на финансиска поддршка, во кој средствата ќе стигнуваат до вистинските земјоделски производители. Посебно внимание ќе се посвети и на намалувањето и поедноставувањето на административните процедури, што е еден од приоритетите и на заедничката земјоделска политика на ЕУ. За земјоделците тоа треба да значи појасни правила, помалку административни оптоварувања и поголема сигурност при остварувањето на правото на поддршка.

Што покажуваат податоците за извозот на градинарските култури и овошјето?

Податоците на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за 2025 година покажуваат дека извозот на свеж зеленчук и овошје достигнал вкупна вредност од над 134 милиони евра, при извезени повеќе од 218 илјади тони производи. Од нив, на свежиот зеленчук отпаѓаат околу 114,9 илјади тони, во вредност од 85,95 милиони евра, додека извозот на овошје изнесува околу 103,4 илјади тони, со вредност од 48,06 милиони евра.

Кај градинарските култури најголема извозна вредност остваруваат зелката и другиот зелковиден зеленчук со 38,4 милиони евра, пиперките со 19,58 милиони евра и доматите со 12,92 милиони евра. Кај овошјето водечки производи се јаболката, со извоз вреден 21,3 милиони евра и свежото грозје со 16,71 милиони евра. Само овие два производи создаваат речиси 80 отсто од вкупната извозна вредност на овошјето.

Најголем извозен пазар е Србија, каде што се пласирани овошје и зеленчук во вредност од 31,82 милиони евра, односно речиси една четвртина од вкупниот извоз. Следуваат Бугарија со 13,11 милиони евра, Украина со 11,69 милиони евра, Полска со 9,89 милиони евра и Хрватска со 9,5 милиони евра. Податоците потврдуваат дека македонските градинарски и овошни производи имаат значајно присуство и на регионалните и на европските пазари, но покажуваат и дека постои простор за понатамошна диверзификација на извозот.

Институционална и политичка цел е овие резултати да ги претвориме во долгорочен раст на производството и поголем приход за земјоделците. Мојата лична определба како министер е македонските производи да бидат поконкурентни и препознатливи по својот квалитет, а сè поголем дел од вредноста создадена на странските пазари да останува кај домашните производители.

До каде е реализацијата на Националната програма за поддршка? Остануваат ли мерките за млади земјоделци и за мали, семејни производители – „од куќен праг“?

Реализацијата на поддршката се одвива согласно утврдената динамика и потребните нормативни постапки. Во досегашниот тек се опфатени активностите поврзани со одржувањето на висинските пасишта и ливади, зачувувањето на традиционалното сточарство, економското здружување на земјоделските стопанства и заедничкото вршење земјоделска дејност, како и промоцијата на земјоделството и руралниот развој преку локални манифестации и саеми.

Поддршката за младите земјоделци кои почнуваат сопствена земјоделска дејност останува, како што останува и поддршката за модернизација на земјоделските стопанства.

Фокусот е на континуитетот на мерките што придонесуваат за генерациско обновување на земјоделството, економска одржливост на семејните стопанства, подобро здружување на производителите и зачувување на традиционалното производство.