Нови детали и сведоштва за трагедијата во Кран-Монтана. Полицијата на Швајцарија ги идентификуваше првите четири жртви од пожарот. Според наодите станува збор за две девојки на возраст од 16 и 21 година и две момчиња на 16 и 18 годишна возраст – сите швајцарски државјани, телата им биле предадени на семејствата.
Локалот наречен „барот на смртта“ имал повеќе од еден излез за евакуација, но жртвите биле во паника и неможеле да ги најдат, па сите се обиделе да излезат низ главниот влез тврди првиот човек на швајцарскиот кантон, Стефан Ганцер. Полицискиот комесар на кантонот Вале, Фредерик Гислер соопшти дека од вкупно 119 повредени во пожарот, досега идентификувани се 113 лица.
„Во однос на 119-те повредени лица и врз основа на елементите што ги собравме, 113 се формално идентификувани. Од нив 71 се швајцарски државјани, 14 француски, 11 Италијанци, четворица Срби, еден Босанец, еден Белгиец, еден од Луксембург, еден Полјак и еден Португалец. Во тек е и идентификацијата на 40-те жртви, тоа останува наш приоритет. Имаме потребни ресурси за ова и можеме да се потпреме на поддршката од бројни специјалисти од различни кантонални полициски сили во Швајцарија, на кои им се заблагодарувам“ вели Фредерик Гослер, полициски комесар на кантонот Вале

По пожарот во барот „Ле Констелејшн“ се огласи и сопственикот Жак Морети. Тој изјавил дека заедно со неговата сопруга се чувствувале многу лошо и потврди дека соработува со истражителите. Морети потенцирал дека барот поминал три инспекции во последните 10 години и дека се било во согласност со прописите.
„Ќе направиме сè што е во наша моќ да помогнеме да се расветли причината за пожарот. Правиме сè што можеме. Вклучени се и нашите адвокати“ вели Жак Морети, сопственик на „Ле Констелејшн“
Но неговото минато и не било така чисто. Според француските медиуми, сопственикот на барот имал дебело досие. Морети отслужил затворска казна во Франција пред 20-тина години за низа сериозни дела, меѓу кои измама, киднапирање и поврзување со криминал.
Швајцарските власти заедно со полицијата работат на откривање на причината што го предизвикала пожарот. Според првичните информации тие се сомневаат дека пожарот е предизивкан од роденденски прскалки поставени на шишиња со шампањ. Во меѓувреме, знамињата се на половина копје. Швајцарија прогласи денови на жалост, а претседателот на државата Ги Пермелен – несреќата ја опиша како една од најтешките трагедии што некогаш и се случиле на земјата.
Давид Крстевски
