Психолошките тестови и тестовите за интегритет се укинуваат, а приемот во Академијата за судии и јавни обвинители ќе се темели на нови, построги мерит-критериуми и квалификациски испит. Наместо досегашните проверки, кандидатите ќе полагаат писмен и усмен дел, со јавно објавени критериуми – потег што треба да внесе поголема објективност и транспарентност во изборот на идните носители на правдата.
„Видете, со предлог-законот се утврдуваат мерит критериуми и се врши промена во приемниот испит. Се укинуваат психолошкиот и тестот за интегритет, бидејќи немаме акредитирана институција која би ги вршела тие тестирања, а се воведува приемен испит како во првите три генерации – квалификациски испит со писмен дел, пишување пресуда и обвинение, како и усмен дел. Се надеваме дека критериумите ќе бидат јавно објавени истовремено со објавувањето на јавниот оглас.“ – рече Ирина Трајкоска Стрезоска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители.
Измените на законот се отвораат во период кога реформите во правосудството повторно се во фокусот, а јавната доверба во институциите останува на ниско ниво. Со новото решение се очекува попрецизно дефинирање на процедурите за прием, јасна распределба на надлежностите во рамки на Академијата и унапредување на континуираната обука на идните судии и обвинители – кадар што треба директно да влијае врз квалитетот на правдата. Во рамки на обуката, предвидени се и содржини за интегритет и етика, насочени кон зајакнување на отпорноста на идните судии и обвинители на притисоци, корупција и обиди за мито. Ваквите обуки имаат за цел да изградат професионалци кои ќе можат да носат одлуки независно и без влијанија, во систем каде интегритетот е клучен предуслов за доверба во правдата.

Академик Владо Камбовски оценува дека станува збор за системски пристап кој треба да одговори на долгогодишните забелешки во јавноста.
„Па, би требало, затоа што досега имаше многу забелешки на начинот на кој се примаат кандидатите за Академијата. Да речеме, како што имаше непотизам и слични појави, да не речам и корупција. Мислам дека сега се вградени некои механизми кои тоа ќе го спречат.“ – рече Владо Камбовски, академик.
Според Камбовски, законските измени поставуваат рамка, но нивната успешност ќе зависи од начинот на кој институциите ќе ги спроведат во пракса. Тој нагласува дека Академијата не е само образовна установа, туку специјалистички систем за подготовка на правници кои утре ќе треба да ја носат една од најодговорните функции во државата – примената на правото и делењето правда.
Целта, како што посочува, е да се обезбеди кадар што ќе биде стручен, сигурен во своето знаење и отпорен на притисоци, особено во време кога правосудството се соочува со сериозни предизвици – од корупција до поширока криза на владеењето на правото.
Законот веќе е објавен на ЕНЕР, а забелешките од јавноста ќе се разгледуваат на претстојната седница на работната група. По оваа фаза ќе биде појасно дали предложените решенија ќе останат во сегашната форма или ќе претрпат дополнителни корекции пред да продолжат во законодавната процедура.
Предлог измените на актуелниот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители следат по препораките за законски измени дадени од страна на Оценската мисија на ЕУ, како и анализата спроведена во 2025 година во рамки на проектот EU Support for Rule of Law. Предлог новиот Закон треба да ги отстрани недоследностите и слабостите на постоечкиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители.
