Реклама
Прилози

СДСМ пука по сите шавови: На Филипче му се закануваат фракции, последен во низата е Костадин Костадинов од Струмица

СДСМ пука по сите шавови, на партијата и се закануваат фракционерски организирања…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

СДСМ пука по сите шавови, на партијата и се закануваат фракционерски организирања од повеќе видни членови. Костадин Костадинов е последен во низата кои јавно го изразија своето незадолство од раководството, предводено од Венко Филипче. Одлуката на партијата да не го кандидира за нов мандат за градоначалник на Струмица, го натера да го замрзне своето членство во СДСМ, но и да најави внатрепартиско фракционерско движење во иднина. Во објава на Фејсбук пишува дека партијата со ова раководство не може да се врати таму каде што и е местото, а тоа намалку било каде што е сега.

-Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста,  сакам да  помогнам за жал нема како… Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори. Целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите. Нов тек. Нова целост, изјави Костадинов.

Но, Костадинов не е единствен.Со стихот „дали крајот вака мириса“ од песната „Во бестрага“ од Игор Џамбазов, поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов го поздрави изборот на новото раководство и најблиските партиски соработници на Филипче. Тој реши да го поздрави лидерот на опозицијата и кога беше објавено дека добил златна виза за Дубаи.

Реклама

-Аристотел, пред 2.500 години кажал: мил ми е Платон, ама помила ми е вистинатa…  #ЗлатнаДаЕ #Визата, напиша Шилегов.

Дека ситуацијата во СДСМ е катастрофална, уште пред неколку месеци во разговор за Алфа тврдеше и поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој му беше и протикандидат на Филипче при првиот избор за претседател на партијата. Според актуелното раководство нема моќ да ја консолидира партијата.

-Во моментов за жал не можам да видам дека имаме некаков тип на иницијатива, дека имаме некаква новина или дека имаме нешто што ново би понудиле на избирачите. Само шест месеци повторно ќе кажам по изборите кои што завршија, на начин кој што завршија. Не мислам дека раководството на СДСМ, актуелното раководство има оправдана причина да бара избори или да се надеваме за некаков подобар резултат на тие избори, освен купување време, изјави Деспотовски на 11-ти ноември за Алфа.

Против актуелното раководство често зборува и поранешната претседателка на градската организација на СДСМ во Скопје, Софија Куновска. Вели дека актуелните челници на партијата воопшто не делуваат како што посакува и заслужува обичното членство.

-За Венко злато – за СДСМ р’ѓа! Затоа, време е членството на партијата да ги постави вистинските прашања: Дали Венко го води СДСМ за да некогаш дојде на власт или партијата вака дизајнирана единствено служи за одбрана на нелегално стекнатиот имот во периодот 2017-2024? Со каков товар ќе влезат кандидатите на СДСМ на претстојните локални избори?, напиша Куновска.

СДСМ на последните парламентарни избори доживеа катастрофален пораз, освои само 18 пратеници. Според рејтинзите, не може да се очекува некој подобар резултат ниту на локалните избори. Костадинов во својата објава на Фејсбук напиша дека се надева, дека партијата ќе освои барем една општина.

Матеја Петровски