Расте цената на становите во Штип. За купување стан, граѓаните годинава треба да издвојат околу 10% повеќе во споредба со лани. Вкупната вредност на купопродажбите од почетокот на годината заклучно со септември достигнала околу 13 милиони евра, од кои 8 милиони се однесуваат на новоградби. Рекордот го држи стан чија цена достигнала 1.500 евра за метар квадратен.
„Просечната цена бележи зголемување за околу 10%, односно и старите и новите станови се продаваат за повисоки цени. Досега, од предметите пристигнати во општината, цената на становите препродадени е околу 13 милиони евра, од кои 8 милиони евра се за нови станови. Највисоката постигната цена на договор е околу 1.500 евра за метар квадратен за нов стан“, изјави Драган Каров, раководител на Одделението за финансии во Општина Штип.
Иако од јануари до октомври во Штип се продадени над 200 станови, што во просек значи по еден стан дневно, споредено со минатите години, се забележува благо намалување на купопродажните договори. Според Каров, ова се должи на административното евидентирање на објектите. Во меѓувреме, зголемен е бројот на издадени одобренија за градење, но тие станови ќе влезат во катастарскиот систем во наредните години.
„Претходната година имало повеќе згради коишто се впишани во катастарот, а оваа година има повеќе одобренија, но тие згради ќе се впишат во некоја од наредните години, па тогаш ќе има поголема препродажба на станови“, изјави Каров.
Споредено со минатата година, кога биле продадени 315 станови, од јануари досега се реализирани околу 207 договори. Но, раздвиженоста на терен и изградбата на нови објекти во Штип најавуваат нов бран на продажба на недвижности во периодот што следува.

