Мешање на партијата и државата и злоупотреба на техничката влада. Фатмир Битиќи заборава дека главна обврска му е да работи на обезбедување фер и демократски избори, а не да тера кампања, а Димитар Ковачевски по се изгледа се уште мисли дека е премиер, па заедно со својот партиски заменик и вицепремиер за економски прашања си тера партиска агенда.
А во која улога Битиќи посети приватна компанија во друштво на својот партиски лидер, не знае ниту самиот Ковачевски. Според него бил како вицепремиер, но Битиќи го дематираше, велејќи дека дошол во улога на партиски потпретседател. Како што кажа имал право на пауза која траела некаде еден час во денот, а можеби и земал ден од одмор а ние не сме знаеле.
-Па така де еве тука му е сега работното време да ги посети фирмите… Тој е тука како вице… ќе ви одговори сега, не можам јас да ви одговорам, кажа Ковачевски.

-Кога е работното време, имам време за пауза, имам време за одмор. Така да денеска не знаете дали користам ден на одмор или користам време на пауза, паузата е вообичаено саат време во денот во денот. Ова можам да си го користам. Јас работа за граѓаните, ова се моите сограѓани, луѓе кои што инвестираат во нашата иднина и ќе ги посетам, изјави Битиќи.
Според правилата кампањата треба да си ја тераат оние кои се повлекоа од позициите во Владата. Ковачевски го правдаше Битиќи што терал партиска агенда во работно време, било гордост да си потпретседател на СДСМ.
-Видете господинот Битиќи е и потпретседател на Влада и потпретседател на СДСМ, така да тоа е навистина успех за еден човек, да во најголемата политичка партија биде потретседател на партијата и исто така да биде успешен вицепремиер, кој што има донесено навистина добри одлуки за државата, за компаниите, изјави Ковачевски.
Битиќи не е изолиран случај, и неговиот актуелен шеф Талат Џафери си тера партиска кампања со својата позиција. Во првите десетина дена наместо да работи на обезбедување услови за фер и демократски избори, неговата главна мисија е презентирање на голема партиска и победа на лидерот на ДУИ Али Ахмети, со тоа што тој станал технички премиер.
Матеја Петровски
