Добро дизајнирани детски надоместоци испраќаат јасна порака дека државата стои зад семејствата, изјави државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, на денешниот брифинг со новинари, пред утрешната конференција што ќе се одржи во Скопје во врска со оваа тема.
Денешниот брифинг со наслов „Вложување во секое дете – поттикнување на човечкиот капитал, вработување на жените и инклузивен раст“, Сабриу рече дека се организира со цел да се обезбеди можност подетално да се запознаат клучните наоди и препораки од анализата на системот на парична поддршка за деца и семејства со деца, пред утрешната поширока јавна дискусија.
– Министерството за социјална политика, демографија и млади, кон ова прашање пристапува од перспектива на долгорочна одржливост, европска усогласеност и ефект врз развојот на државата. Не станува збор само за висината на поддршката, туку и за тоа дали системот ги опфаќа децата на кои им е најпотребна поддршка, дали е правичен и разбирлив за тие што треба да пристапат до него, дали поддржува вработување, особено кај жените, наместо ненамерно да го обесхрабрува – појасни Сабриу.

Анализата што беше презентирана укажувала на три суштински системски предизвици.
– Прво – недоволен опфат. Најголем дел од децата во земјата не примаат финансиска поддршка што на нивните домаќинства ќе им помогне во покривање на дел од трошоците за одгледување дете. Дури и голем дел од сиромашните и семејствата во ризик од сиромаштија остануваат надвор од системот. Децата од предучилишна возраст не се опфатени со образовниот додаток, иако токму раното детство е клучно за успехот во натамошните степени на образование, како и за развојот на човечкиот капитал на земјата. Второ – релативно опаѓање на висината на паричната поддршка и ограничена чувствителност кон потребите на децата. Во последните години, додатоците за деца изгубиле значајна реална вредност во споредба со порастот на платите, и особено минималната плата. Системот не го одразува доволно реалниот трошок за подигање деца, особено во поголеми семејства, што ја намалува неговата способност да ја намали детската сиромаштија. Трето – недоволна усогласеност со пазарот на труд. Со вработувањето на член од семејството, домаќинствата најчесто веднаш ја губат целата парична поддршка, што особено ги погодува самохраните родители и семејствата со повеќе деца – додаде Сабриу.
Тоа не било во согласност со практиките во многу европски земји, каде, подвлече тој, има преоден период во кој продолжуваат да примаат парична поддршка и по вработувањето, а детските додатоци често ги примале сите семејства со деца, без оглед на тоа дали се вработени. Ваквиот дизајн на поддршката кај нас, како што појасни Сабриу, создава пречки за активирање на корисниците на социјална помош на пазарот на труд. Беше истакнато дека мора да се обезбеди дека социјалната заштита не само што ќе обезбедува сигурност за домаќинствата, туку и ќе поддржува активирање и формална работа.
– Анализата не нуди едно единствено решение, туку две јасни и кредибилни реформски патеки од унапредување и длабока реформа на постојниот систем на детски додатоци насоечни кон најсиормашните, до воведување универзален детски надоместок, надополнет со дополнителна поддршка за деца со поголеми потреби. Она што е заедничко за дватата пристапа се неколку принципи: заштита на реалната вредност на додатоците со поврзување со висината на минималната плата, поголема чувствителност кон различните потреби согласно големината на семејствата и возраста на децата, и – поддршка на вработувањето, а не негово попречување. Важно е јасно да се нагласи – инвестирањето во детски надоместоци не е трошок без поврат. Тоа е директна инвестиција во идната работна сила, продуктивноста и демографската отпорност на државата, особено во услови на намалени стапки на наталитет и недостиг од работна сила – рече Сабриу.

Во тој контекст, додаде Сабриу, оваа анализа е директно поврзана и со демографските предизвици со што се соочува државата.
– Намалената стапка на наталитет и сѐ поизразениот недостиг од работна сила не можат да се решаваат само со еднократни мерки. Потребен е предвидлив и фер систем на поддршка за семејствата, кој ќе ги намали финансиските ризици од одгледување деца, особено во раните години – посочи тој.
Според Сабриу, добро дизајнираните детски надоместоци испраќаат јасна порака дека државата стои зад семејствата – дека родителството е заедничка општествена инвестиција, а не индивидуален товар.
– Токму ваквиот пристап придонесува за поголема демографска отпорност, повисока вклученост на жените на пазарот на труд и подобра искористеност на човечкиот потенцијал во земјата – истакна Сабриу.
Тој рече дека се свесни оти секоја реформа мора да биде фискално одговорна. Затоа анализата разгледувала финансиски решенија што не ги намалуваат средствата за други суштински услуги за децата – како образованието, здравството и грижата. Посочени биле и можности за создавање фискален простор преку системски решенија.
– Фискалниот совет, на пример, во едно од своите мислења посочува решенија за намалување на високиот дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, што секоја година се покрива од буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Со вакви решенија би се отворил простор во рамки на буџетот на Министерството, постепено да се финансира и оваа реформа на детските додатоци. Друг можен извор на финансирање е преиспитување на буџетот за одредени видови финансиска поддршка, како на пример за туѓа нега, кај која беа откриени неправилности што доведоа до неоправдано зголемување на трошоците за оваа поддршка – рече Сабриу.
Тој потенцираше дека улогата на медиумите е исклучително важна.
– Начинот на кој ќе се пренесат овие наоди и избори, директно влијае врз квалитетот на јавната дебата. Нашата заедничка цел е информирана, одговорна и аргументирана дискусија за тоа како најдобро да инвестираме во секое дете, без разлика на моделот што ќе биде избран – заклучи Сабриу, посочувајќи дека очекува конструктивна дискусија.
Претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер пред присутните новинари рече дека стапките на детска сиромаштија во земјата се многу високи и многу повисоки од оние кај општата популација.
– Кога се работи за семејства со три или четири деца, семејства со самохрани родители и ромски семејства, стапката на сиромаштија е уште повисока и се движи некаде околу 50 проценти. Тоа е прашање на кое треба да се посвети внимание бидејќи не се работи само за децата денес туку и за меѓугенерациското влијание на сиромаштијата. Знаеме дека тоа влијае врз здравјето на децата, нивниот развој, образование и идната продуктивност, како и иднината на човечкиот капитал на државата – додаде Милер.
Таа кажа дека целта на анализата не е да даде едно решение, туку добро информирани, соодветно анализирани решенија засновани на докази, што властите би можеле да ги спроведат.
– Тие следат различни пристапи, како што е универзален детски додаток или таргетиран пристап за пополнување на постојните празнини. Без разлика на пристапот, сите одат во истата насока, односно носат придобивки за децата, има поголема предвидливост и се поусогласени со вистинските потреби на семејствата – рече Милер.

Вишиот советник за социјална заштита од централата на УНИЦЕФ, Памела Дејл зборуваше за тоа како други држави се однесуваат кога е во прашање оваа тема.
– Црна Гора е различен, но, исто така, интересен пример, особено бидејќи е поблизок во контекст со Македонија. До неодамна, Црна Гора имаше многу насочен систем, каде само околу 10 проценти од децата добиваа додатоци. Истовремено, стапките на сиромаштија беа високи и се движеа некаде околу 30 проценти и нешто повисоко. Во 2021 година, Црна Гора направи голема промена на политиките и се насочи кон универзална детска заштита. Покриеноста се зголеми многу брзо, односно од многу мал број деца кон огромно мнозинство за релативно многу кратко време. Една промена од околу 10 проценти до скоро универзална покриеност за краток временски период претставува огромно постигнување во регионот – изјави, меѓудругото Дејл.
Хазал Оз, генерален директор во Девелопмент аналитикс, имаше презентација за реформски опции за подобра поддршка на децата и семејствата и за поттикнување на економскиот раст и вработувањето на жените. Александар Николов, специјалист за социјална политика во канцеларијата на УНИЦЕФ, имаше презентација за предизвици во постојниот систем на парична поддршка за децата.
