Ќендрим Ријани (роден во Кичево 1990 година) е театарски, оперски и филмски режисер, чиј професионален пат е обележан со поставки на класични и современи драмски дела. Дипломирал театарска режија во 2012 година, а во 2014 година магистрирал режија на театар и сценски изведби на Универзитетот за уметности во Тирана.
До денес има реализирано триесетина професионални театарски претстави во повеќето балкански држави, една опера и три документарни филма, а неговите продукции освоиле десетици фестивалски признанија. Меѓу позначајните остварувања е и операта „Скендербег“, премиерно изведена на 23 декември 2019 година во Националната опера и балет во Скопје, прва опера на албански јазик во Северна Македонија.
Меѓу последните се и Шекспировата трагедија „Јулиј Цезар“ (2025) на Сплитското лето, а во 2026 година и „Отело“ во Националниот театар на Албанија и „Чекајќи го Годо“ во Албанскиот театар во Куманово. Неговиот репертоар ги поврзува Шекспир, Брехт и Чехов со современи драматуршки читања и прашања за моќта, општествените односи и човековата природа.
Неговата најнова постановка, „Животинска фарма“ според Џорџ Орвел, премиерно беше изведена на 7 октомври 2026 година во Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, на камерната сцена на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Драматизацијата ја потпишуваат Ријани и Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а музиката е на Томе Темелкоски.
Во ова сценско читање, кое доживеа огромен успех кај домашната публика, животните, наместо ветерница, сакаат да изградат театар, мотив што директно се поврзува со условите во кои работи прилепскиот ансамбл, без сопствена театарска зграда.
„Ваква претстава можеше да се постави само во прилепскиот театар, кој нема театар“, ќе рече Ријани.

Режисерите често велат дека го гледаат светот преку претставите што ги работат. Која претстава Ви го сменила погледот надвор од театарот, а не само кон театарот?
– Не можам да издвојам една конкретна претстава. Низ процесот на секоја претстава што ја реализирам се трудам да растам, да се менувам и да го проширам својот поглед на светот.
Работам во разни земји, со разни менталитети, кои се обидувам однапред да ги анализирам за да изградам концепт, кој е тесно поврзан со местото во кое работам. Запознавам нови места и нови луѓе, кои на крајот од процесот стануваат дел од мојот живот.
За мене, секоја претстава е процес на анализа и поставување прашања пред публиката, но и соочување со себеси: со уверувањата што ги потврдувам, со оние што ги менувам и со одговорите што ги барам. По секоја претстава, се прашувам не само колку подобар режисер сум станал, туку и колку подобар човек сум станал.
Режирате класици и модерни текстови на повеќе јазици и во повеќе држави. Каде најмалку се чувствувате како гостин, а каде најмногу?
– Генерално, каде и да работам, за кратко време почнувам да се чувствувам како да сум дел од тоа место. Можеби тоа е и заслуга на уметноста: културата уште од своето раѓање е замислена да создава спојувања, а не поделби. Така, каде и да работам, доаѓам како гостин, а си заминувам со чувство дека сум свој, со желба повторно да се вратам.
Можеби токму тоа е и главната причина зошто продолжувам да ја сакам оваа професија: каде и да работам, кога си заминувам, ме испраќаат со прашањето: „Кога повторно ќе ни дојдеш?“ Сè додека продолжува ваквото испраќање, тоа ќе остане мојот главен мотив да продолжам да се занимавам со оваа професија со уште поголема волја.
Дали некогаш сте се откажале од идеја за претстава поради цензура, притисок или самоцензура и од каде дошол тој притисок?
– Генерално, јас сум од оние што ги конкретизираат идејата и прашањата што сакаат да ги обработат во претставата уште во режисерската платформа, која потоа се доставува на одобрување до управниот одбор на театарот или до надлежното министерство. По тоа одобрување, станувам бескомпромисен кон обидите да се интервенира во суштината на мојот концепт.
Никогаш не сум се соочил со директен обид за цензура. Но се случувало некоја моја претстава да биде симната од репертоарот и покрај тоа што на сите репризи била полна салата. Можеби нешто не му одговарало на следниот раководител.
На Балканот, како и во другите области, и во културата се случува нов раководител да дојде со убедување дека сè почнува со него и дека сè што било направено претходно не било подобро од она што тој планира да го направи. Но заборава дека неговиот план за иднината, ако навистина постои, ги има своите темели во она што е направено до моментот кога е дојден тој. Ниеден план без темели не може да биде успешен.
Што се однесува до самоцензурата, сум ја доживеал во попрактична смисла: буџетските ограничувања понекогаш ме принудувале да се откажам од идеи или сценски решенија што сум ги замислил. И недостигот од средства знае многу да ја ограничи творечката слобода.
Што мислите, дали публиката во Македонија, Косово , Хрватска и Албанија реагира поинаку на иста сцена?
– Можам да зборувам за реакциите на слична театарска естетика бидејќи, кога зборуваме за иста сцена, треба да станува збор и за исто дело. Јас досега не сум режирал исто дело во две или три земји.
Не сум почувствувал некоја особена разлика. Можеби тоа е поврзано со фактот дека сме Балканци и имаме слични начини на прифаќање или неприфаќање на нештата.

Имате режирано и опера. Кога сценската идеја и музиката ќе се судрат, кој го има последниот збор?
– Операта, во споредба со драмскиот театар, е поконзервативна во својата структура. Тоа е поврзано и со партитурата, која има своевидна внатрешна математика: во театарот два плус два често може да бидат пет, три или седум, а во операта тежнеат да бидат четири. Музиката ги определува времето, ритамот и голем дел од драмското дејство. Во рамките на оваа структура режисерот треба да го најде својот простор за сопствена креативност.
За мене, последниот збор му припаѓа на делото на композиторот, а начинот на кој тоа оживува на сцената е заедничка одговорност на режисерот и диригентот. Кога сценската идеја и музиката се судираат, решението треба да произлезе од дијалогот меѓу нив. Неопходно е режисерот и диригентот да станат едно во концептот на претставата. Ниеден од нив не може да оди напред, без да го поведе другиот со себе на секој чекор.
Во Вашиот репертоар има текстови за грабање и губење власт. Што Ви е сè уште нејасно на таа тема?
– Ништо не ми е нејасно! (се смее, н.з.) Можеби токму тоа е и причината зошто поставувам на сцена ремек-дела како „Артуро Уи“, „Макбет“, „Јулиј Цезар“, „Отело“, „Жените во парламентот“, „Животинска фарма“ и други.
Денешната политика, и на власта и на опозицијата, во светот, а особено во земјите во транзиција, толку јасно покажува до каде се подготвени да одат за власт: до уништување на сопствената татковина и сопствениот народ. Затоа класичните и античките ремек-дела што ја обработуваат темата на власта наоѓаат толку силен одраз во денешната политичка стварност.
Сте работеле во разни држави на Балканот. На кој јазик размислувате додека режирате, а на кој ги давате забелешките на пробите?
– Зависи од јазикот на кој ја работам претставата. Се трудам мојот работен јазик да биде јазикот на местото на кое работам, на глумците со кои работам и јазикот на кој се зборува во претставата. Немам комплекси, ако не го владеам добро; важно е да се разбереме, со зборови, гестови, цртежи или на други начини.
Тоа е убавината на театарот: невербалниот јазик често е помоќен од вербалниот. Верувам дека досега сум се снашол со сите јазици, нешто повеќе тешкотии имав со турскиот.
Што би требало да се смени во македонските театри за да го фатат светскиот момент на случување, тој чекор со современоста?
– Мислам дека театарот е една од најголемите вредности што ги имаме како земја, и од историски и од идентитетски аспект. Тој е едно од нашите нематеријални богатства што може достоинствено да ја претставува земјата во светот. Ние навистина имаме капацитет да создаваме добар театар.
Немаме море или силна индустрија, но имаме театар што докажал вистински вредности во рамките на поранешна Југославија. И подоцна сме добивале признанија и сме ја претставувале нашата земја со големо достоинство во Европа и пошироко.
Затоа и понатаму верувам дека треба да се промени начинот на кој политиката го гледа и го третира нашиот театар. Сите наши театри заслужуваат поголеми буџети и подобри услови за работа. Ни требаат помалку проекти по број, но повеќе квалитет и можности претставите да се развиваат и да живеат долго.
Исто така, самите раководители на театрите треба повеќе да работат на претставувањето на нашата сценска уметност на меѓународни фестивали. Тоа би ни овозможило да ја покажеме нашата вредност, да разменуваме искуства и да бидеме во постојан контакт со современите театарски текови.

Родени сте во Кичево, а работите во три држави. Што за Вас значи дома и дали тоа место се менувало со годините?
– Тоа никогаш не може да го промени местото на работа! Нашиот дом или татковина е таму каде што се нашите родители сè додека се живи. Потоа, за нашите деца, домот е таму каде што сме ние сè додека сме живи.
Имате двојно државјанство. Дали тоа е избор или обврска?
– Државјанството на Република Македонија ме поврзува со моето родно место, со земјата во која се моите родители. Што значи за мене местото каде што се моите родители објаснив во претходниот одговор.
Државјанството на Албанија е подарок од земјата во која студирав и во која реализирав голем број претстави.
Ниедно од нив не е обврска; и двете се чувства.
Режисерската работа е долга и често осамена. Што правите кога претставата е готова и Вие немате што повеќе да ѝ дадете?
– Можеби најубавото во уметноста е животот што се создава на сцената, кој личи на нашиот живот и кој исто така еден ден умира. И во тоа личи на животот.
Во една претстава градиме живот полн со емоции, свесни дека еден ден ќе умре, повеќе нема да постои и ќе ѝ го отстапи местото на друга. Исто како што градиме живот полн со емоции, свесни дека еден ден ќе умреме и повеќе нема да нè има, но ќе му го отстапиме нашето место на некој друг.
Како и во животот, каде што не постои крај, така и во претставата не постои момент кога веќе немаш што да дадеш. Но самиот треба да ѝ ставиш крај на својата склоност да даваш уште. Еден свесен режисер точно знае кога треба да си каже: „За оваа претстава, толку беше. Она што уште го имам на ум да го кажам, ќе го кажам во следната претстава“. Инаку, никогаш не би имало премиера бидејќи потребата да се каже нешто и да се достигне совршенството никогаш не завршува.
Затоа се трудам, уште пред да заврши премиерата на претставата, да почнам да размислувам за следната претстава. Тоа ми ја олеснува разделбата со неа. Како во животот, кога ќе изгубиме некого, помислата на некој што сè уште не сме го изгубиле ни ја олеснува разделбата.
Што или кој Ви е најстрогиот критичар?
– Животот, личниот развој, самоиздигнувањето. Секој ден што поминува откако сум завршил некоја работа, ме тера да се критикувам себеси за нештата што немав мудрост да ги предвидам пред да се случат.
Често застанувам и размислувам за работите што сум ги направил. Гледајќи ги од денешна перспектива, забележувам безброј нешта што сум можел да ги направам подобро. Овој вид самокритика ме поттикнува да работам уште повеќе на следниот проект.

