Сè поголем број граѓани и компании во Македонија го користат интернетот и онлајн услугите, но заедно со земјите од регионот сепак се наоѓаме под просекот на Европската унија. Владата постепено го отвора патот за домашните компании во процесот на дигитална трансформација, а преку дигиталната економија и вештачката интелигенција, му се олеснува на приватниот сектор за нови инвестиции и отворање на нови работни места.
Министерот Андоновски на денешната регионална конференција за е-трговија објасни дека преку Платформата за интероперабилност повеќе од 76 институции и компании веќе се приклучени. Оваа платформа овозможува брза и безбедна размена на податоци помеѓу различни компании и државни институции. Само во изминатиот месец се направени над 2,6 милиони трансакции, што претставува раст од 260 проценти во споредба со минатата година.
„За разлика од порано, првпат се вклучени повеќе од десет компании на Платформата за интероперабилност, што значи полесна, побрза и бесплатна размена на податоци помеѓу нив и со државните институции. Претежно се банкарските и ‘финтек’ компании, а сега на ред се и осигурителните компании, што покажува интерес од приватниот сектор“, истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

На Балканот постои нерамномерен развој меѓу земјите, а во просек само 27% од приватните компании продаваат онлајн.
„Генерално дигиталните вештини на граѓаните и компаниите во регионот се сеуште ниски, што објаснува зошто е таква ангажираноста и во онлајн купувањето и зошто е ниско користењето на алатките во вештачката интелегенција. Затоа тука мора да се работи да се дизајнираат програми, треба не само свеста туку да се дава знаење за како компаниите ги искористат бенефитите“, изјави Нина Ангеловска Станков – претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Младите велат дека купуваат преку интернет но внимаваат на кои веб-портали ги споделуваат нивните лични информации. Но и покрај внимателноста се случува понекогаш да им биде испорачан производ кој не бил нарачан. Министерството за дигитална трансформација, преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на малите и средни претпријатија пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред да инвестираат.
