Во рамки на завршната промоција на „Етимолошкиот речник на македонскиот јазик“ со потпроектот „Македонски етимолошки речник“ денеска во Институтот за македонски јазик беа презентирани „Поимник на индоевропеистичка, историско лингвистичка и етимолошка терминологија“ и двата тома од „Индоевропеистика и етимологија“ од професор Гоце Цветановски.
Директорката на Институтот за македонски јазик на промоцијата Елена Јованова Грујовска истакна дека овие три публикации следуваат по првиот том од „Македонскиот етимолошки речник“, буквите од А до Ж, со 648 страници, и со 2.344 речнички одредници, со чие објавување била пополнета значајна празнина во македонскиот лексикографски јазик, а македонскиот јазик се вброил меѓу јазиците што имаат свој етимолошки речник.

– Четири научни публикации со вкупен обем од 1.702 страници се конкретниот и видлив резултат на двегодишниот проект финансиран од Министерството за образование и наука. И ние сме веројатно најуспешниот проект. Сепак, зад овие бројки стојат долгогодишна истражувачка работа, огромна количина научен материјал, бројни консултирани извори и, пред сè, исклучителна авторска посветеност – рече Јованова Грујовска, која е еден од рецензентите на „Поимникот на индоевропеистичка, историско лингвистичка и етимолошка терминологија“.
Додаде дека со завршувањето на овој проект не завршува работата врз етимолошкиот речник, туку напротив, како што истакна, постигнатите резултати претставуваат цврста основа за нејзино продолжување.
– Во македонската лингвистика одамна се чувствуваше потребата од систематизирање на терминологијата од областа на индоевропеистиката, историската и споредбената лингвистика и етимологијата. Со овој поимник, во обем од 371 страница, добиваме дело што значително одговара на таа потреба – истакна директорката на Институтот за македонски јазик.
Таа го цитираше и академик Виктор Фридман кој, исто така, е рецензент на овој поимник, истакнувајќи дека „досега ништо слично не е објавено на македонски јазик, а неговото научно ниво ги задоволува нависоките и најстригите критериуми во секој поглед“.
Веселинка Лабровска, редовен професор и научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, дописен член на МАНУ, која го шромовираше првиот том од „Индоевропеистика и етимологија“ истакна оти професорот Цветановски со ова го крунисува проектот на најдобар можен начин. Овие три монографии, рече таа, прв пат ги толкуваат македонистичките студии во најширокиот индоевропски контекст.

– Оваа книга е логично продолжение на работата на професорот Цветановски на Македонскиот етимолошки речник, чиј прв том го промовиравме оваа година. Но, за разлика од македонскиот етимолошки речник, кој може да го користи секој Македонец или експерт за македонскиот јазик, овие книги што ги промовираме денеска се наменети за потесен круг корисници – корисници кои имаат претходно познавање од општата компаративна историска лингвистика и кои сакаат да ги продлабочат своите знаења од најкомпетентните извори напишани за македонскиот јазик и на македонскиот јазик, а тоа се, без сомнение, овие три тома од професорот Гоце Цветановски – рече Лабровска.
Првиот том, појасни, се состои од следниве три дела: Основи на индоевропските студии и компаративно-историскиот метод, Протоиндоевропски јазик – фонологија, граматичка реконструкција и лексикологија, Индоевропски јазични гранки и нивното значење за реконструкција.

Академик Марјан Марковиќ промовирајќи го вториот том од монографијата„Индоевропеистика и етимологија“ истакна оти станува збор за обемно научно дело, кое, како продолжение на првиот том, претставува заокружена целина посветена на историскиот развој на јазиците, нивните меѓусебни врски и особено за местото на македонскиот јазик во поширокиот словенски, балкански и индоевропски контекст.
- Дури и самиот наслов на вториот том ја открива неговата основна концепција: да го проследи историскиот пат од прасловенскиот јазик до современиот македонски, притоа поврзувајќи ги сознанијата од споредбено-историската лингвистика, славистиката, балканистиката и етимологијата. Вредноста на оваа монографија не е само во широкиот хронолошки и јазичен опфат, туку и во настојувањето различните историски процеси да се разгледуваат поврзано и методолошки прецизно — нешто што токму и професорот Фридман го воочил многу, ааа, баш прецизно и тој. Авторот прави јасна разлика меѓу генетското сродство, јазичниот контакт, ареалните особености, книжевната традиција и специфичниот внатрешен развој на јазичниот систем – рече Марковиќ.
Според него, таа претставува систематски преглед на историскиот развој на словенските јазици, со посебен акцент на местото и развојот на македонскиот јазик.

– Ги поврзува словенското наследство и балканскиот јазичен контекст, овозможувајќи посеопфатно разбирање на историските процеси кои го обликувале македонскиот јазик. Нуди методолошки заснован пристап кон етимолошката анализа и реконструкцијата, со јасно разграничување меѓу утврдените факти и хипотетичките толкувања. Секако, ова дело претставува значаен придонес кон понатамошниот развој на македонската етимолошка лексикографија, особено во контекст на македонскиот етимолошки речник и идните истражувања на македонскиот лексички фонд. Вредноста на една ваква монографијае токму во тоа што покрај систематизирањето на досегашните сознанија, таа отвора нови прашања и дава насоки за натамошна научна работа – потенцира Марковиќ.
Тој е убеден дека овој том и сите три тома ќе го најдат своето место како научна литература и референтен извор за истражувачите, универзитетските професори и студентите, но и за сите оние кои сакаат подлабоко да ја разберат историјата и развојот на јазиците, а особено, како што спомнав и претходно, специфичноста и уникатноста на македонскиот јазик.
Цветсновски обраќајќи се пред присутните на промоцијата истакна дека најголемото значење на овие дела е можноста овие книги да им послужат на идните истражувачи на македонскиот јазик и историјата на неговите спорови.
-Поддршката од Министерството за образование овозможи долгогодишната работа да се заокружи со публикациите што денес ги презентираме пред читателите и научната јавност. Многу ми значи што овие книги се објавени токму во овој, мојот и вашиот институт, и што денеска можеме заедно да ја споделиме радоста од нивното презентирање – рече Цветсновски.
Првиот том од „Македонскиот етимолошки речник“ (А – Ж) од авторот професорот Гоце Цветановски беше официјално промовиран на 16 април 2026 година.

