Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во изминатите три месеци спроведе вонредни инспекциски надзори кај сите 27 финансиски друштва со лиценца од Министерството за финансии, кои вршат дејност на давање потрошувачки кредити на физички лица.
Како што соопшти ДПИ, при надзорите, спроведени согласно Законот за заштита на потрошувачите, биле утврдени повеќе неправилности.
– Кај 18 финансиски друштва се утврдени нечесни трговски практики и одредби во договорите за потрошувачки кредити, за што се изречени соодветни законски мерки и издадени прекршочни платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари. Кај 12 финансиски друштва е утврдена незаконска наплата за известувања и опомени поради доцнење или неплаќање на кредитни обврски – се посочува во соопштението.
Врз основа на утврдените неправилности и по обработката на документацијата, Државниот пазарен инспекторат донел решенија со наредба за враќање на незаконски наплатените средства на потрошувачите, во вкупен износ од над 140 милиони денари. За исполнување на наредбите се определени законски рокови од 30 до 90 дена, во зависност од бројот на опфатени потрошувачи.
– Со овие мерки се опфатени над 26.000 граѓани од целата држава. Дополнително, кај две финансиски друштва се утврдени неправилности во водењето на сметководствената евиденција, за што е известено Министерството за финансии за понатамошно постапување – посочуваат од ДПИ.
Државниот пазарен инспекторат упати апел до финансиските друштва доследно да ги почитуваат законските прописи и да обезбедат транспарентно работење, а граѓаните внимателно да ги разгледуваат условите пред склучување договори за потрошувачки кредити и да се информираат за сите трошоци и надоместоци.
Инспекторатот најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со засилени инспекциски надзори во оваа област, со цел заштита на економските интереси и законските права на потрошувачите.
– Заштитата на граѓаните и создавањето фер и транспарентни пазарни услови остануваат приоритет во работењето на Државниот пазарен инспекторат – се наведува во соопштението.

