Реклама

Инвестиции во образованието: Официјално пуштен во употреба студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје

Полициска акција – претреси на 30 локации, под лупа и полицајци во Прилеп

Директорот на „Македониум“ поднесе оставка, премиерот им се извини на граѓаните за пропустот

Серија критики за СДСМ поради Изборниот законик: Кочничари на се, го кочат европскиот пат, бегаат од дебата…

Фехми Стефа бара порано да го пуштат од затвор, Љупчо Пецов – Ѓаволот не ни влезе таму

Квалитет пред квантитет: објавен новиот повик за финансирање културни проекти од национален интерес

Мерките за справување со ценовниот шок даваат резултати, но и го притискаат буџетот

Паметна одбрана од пожари и поплави: Вештачка интелигенција за првпат во македонскиот систем за кризи

Разбиена терористичка келија на ИСИС – уапсени петмина кои планирале напади

Клековски: Ќе постапам за случајот со непотребните операции на срце кога ќе добијам безбедносен сертификат

Мицкоски: Енергетски сме стабилни, а инфлацијата е за 50% пониска од онаа во ЕУ

По децении чекање: Камен темелник за „Чебрен и Галиште“ следната година

Македонија

Проф. д-р Тодоровски: Треба да се научиме да управуваме со нов тип на електроенергетски систем, фреквенцијата во системот мора да биде 50 херци

Енергетската транзиција, не само за Македонија, општо гледано во целиот свет, значи…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Енергетската транзиција, не само за Македонија, општо гледано во целиот свет, значи напуштање на фосилните горива, на термоцентралите кои се на јаглен или на гас, тие сè помалку ќе ги има. Кај нас само во последните пет години се направени 1.200 мегавати фотоволтаични централи. Тоа е толку многу колку што било направено претходно во претходните 50 години при изградбата на нашиот систем. Значи, сега треба да се научиме да управуваме со нов тип на електроенергетски систем – рече новоизбраниот дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, проф. д-р Мирко Тодоровски, од Факултетот за електротехника и информациски технологии, кој одржа предавање на тема „Електроенергетски системи во ера на енергетска транзиција – очекувани предизвици“. 

Тој посочи дека најголем предизвик ќе биде регулацијата на фреквенцијата. Фреквенцијата во системот, појасни, мора да биде 50 херци.

– Во Европа, во Америка, е 60, во Јапонија во некои делови е 60… Таа мора да биде фиксна. Без точно дефинирана фреквенција, системот може да се распадне. Пример за распад на таков систем е оној од Шпанија од минатата година од април. Таму се случила сосема банална причина што довела до распад на системот – посочи Тодоровски.

Реклама

Според него, треба да се преземат мерки однапред за тоа да не се случи. ​Во врска со тоа дали неговите предлози ќе наидат на реализација, рече дека се надева оти ќе биде така. 

– Имав еден американски патент токму за еден од проблемите за кои денеска ќе зборувам. Сакам да истакнам некои проблеми што може да се појават во процесот на ширење на системот со вакви типови на извори на енергија. Тие не се лоши, не сакам да ги оцрнувам по ниедна основа, само треба да се внимава малку повеќе отколку во претходниот период бидејќи системот не е веќе ист. Луѓето биле научени 100 години системот да биде воден на еден начин и сега во последните десет години се појавува потреба да се води на целосно друг начин – додаде Тодоровски. 

Поранешниот претседател на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, рече дека Тодоровски во 2005 година е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите во Одделението за технички науки и досега има објавено над 130 научни труда, од кои 30 се објавени во меѓународни научни списанија со фактор на влијание, 21 во други научни списанија, 20 во зборници на меѓународни конференции и 59 во зборници на домашни конференции. ​Од трудовите во списанија со фактор на влијание, 16 се објавени во списанија на престижниот Институт на инженерите по електротехника (IEEE).

Според тематиката, потенцира Коцарев, неговите научни истражувања опфаќаат повеќе области: енергетско планирање, анализа и оптимизација на електроенергетски мрежи, стабилност на електроенергетски системи и применета електромагнетика. ​Тој ги истакна применетите резултати од неговата научноистражувачка работа.

– Професор Тодоровски е еден од соработниците во развојот на отворениот софтверски пакет Matpower, широко прифатена платформа за анализа на електроенергетски системи. Особено е значајно што е коавтор на американски патент, во кој е предложена стратегија за управување со размена на електричната енергија меѓу батериските системи и електроенергетската мрежа со цел подобрување на стабилноста на системот. ​Тој остварува и континуирана соработка со стопанството. Од 2013 година е заменик-раководител на Инспекциското тело за електротехнички уреди, инсталации и опрема на ФЕИТ, а од 2017 година раководи со Одделот за висок напон и високонапонска опрема. Во периодот од септември 2017 до октомври 2023 година бил раководител на лабораторијата за висок напон при ФЕИТ – истакна Коцарев.

Тој рече дека покрај овие активности, професорот Тодоровски учествувал во изработка на многубројни студии и консултантски услуги за потребите на електроенергетските компании во нашата земја, раководел или учествувал во 15 научноистражувачки проекти финансирани од меѓународни извори, вклучен е во наставата на сите три циклуси студии на ФЕИТ, автор и коавтор е на три универзитетски учебници, двајца од неговите докторанди се професори на ФЕИТ, а еден на Електротехничкиот факултет (ЕТФ) во Штип.
 
– Од 2019 до 2023 година бил раководител на студиската програма на третиот циклус студии на ФЕИТ, а од 2023 година е раководител на Институтот за преносни електроенергетски системи на ФЕИТ. ​Претседател е на Студискиот комитет Ц4 технички карактеристики и анализа на системот при „Мако сигре“, член е на меѓународната организација за големи електроенергетски системи „Сигре“, како и на американската асоцијација IEEE, каде што има статус senior member. Во 2003 година ја добил наградата за најуспешен млад научник од Фондот „Вита Поп-Јорданова“ при МАНУ. Во 2014 година е добитник на наградата за најдобар научник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за постигнати врвни резултати од научноистражувачката дејност – додаде Коцарев.