Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница го прифати и проследи на натамошна постапка во Собранието на Македонија Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за 2025 година.
Членовите на комисијата ги прифатија и посебените извештаи на ДКСК за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за избор на градоначалници и советници во општините во Македонија, како и за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа – 2026 година. Во собраниска постапка беше доставен и годишниот извештај на ДКСК за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, за период 01.01.2025 – 31.12.2025 година и завршен извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, за период 01.01.2025 – 31.12.2025 година.
Годишниот извештај за работата на ДКСК во 2025 година, според претседателот Адем Чучуљ, претставува фактографски приказ на работата на Комисијата во изминатата година. Според него, во Комисијата биле примени 612 пријави, а донесени 583 одлуки од надлежност на комисијата.

– Издадени се вкупно 111 прекршочни платни налози за прекршоци утврдени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Дополнително, поведени се 45 прекршочни постапки. Сите овие предмети и прекршочни постапки во самиот извештај се образложени од кои области се, согласно надлежностите што се однесуваат во делот на спречување на корупцијата, судирот на интереси и следење и евидентирање на имотната состојба, истакна Чучуљ.
До Јавното обвинителство, додаде, биле доставивме осум иницијативи за поведување постапки за кривично гонење, три иницијативи до надлежните органи за утврдување одговорност на службени лица и шест друг вид иницијативи за утврдување на одговорност на избрани и именувани лица, односно службени лица.
– Воедно, постојано доставуваме препораки и укажувања до надлежните органи за надминување на детектираните состојби, односно ризици од корупција. А воедно, согласно одредбите за спречување судир на интереси, комисијата постојано дава мислења до надлежните органи и до службените лица за евентуални состојби на судир на интереси, при што во 2025 година се издадени вкупно 116 мислења, посочи Чучуљ.
Според него, 2025 година била посветена на подготовка на завршните извештаи за спроведување на претходната Национална стратегија и биле преземени активности за изготвување на новата Национална стратегија. Значајно било промовирање на институционалниот интегритет во органите на централната и локалната власт, отпочнатите активности за промовирање на системот на интегритет и во органите на правосудната власт, а Комисијата станала ефективен корисник на КАФ моделот…
Пратеничката на НСДП, Соња Мираковска забележа дека извештајот е задоцнет и нефункционален, бидејќи, според неа, доколку достават мерки, ќе нема време да се погледнат и да се реализираат, затоа што изминала 2025 година.
– Вие оваа цела година и минатата работите на новата стратегија, значи 2026 година испаѓа нулта година кога ништо нема значајно да се сработи за да може да се покаже некаков резултат. Кога зборувате за статистика и за податоци, ако во 2024 година се процесирани 74 предмети, а 194 во 2025 година, и ако ја погледнете структурата, ќе видите за имотната состојба се повеќе од предметите, а многу помалку за состојбата со корупцијата, рече Мираковска.
Според неа, нема извештај што се случува со препораките кои ги дава ДКСК, колку се процесирани, дали некој ги прифаќа и дали отвориле некој проблем во јавноста.
– Како институција сте непрепознатливи, извештајот е обична статистика, не кажува ништо за она што се случува во државата. Мора малку похрабро, појасно, повеќе визионерски, подвлече Мираковска.

Во однос на извештајот на ДКСК за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за избор на градоначалници и советници во општините во Македонија, претседателот Чучуљ оцени дека Комисијата немала обемна работа во однос на локалните избори.
ДКСК, посочи, оформила 43 предмети поврзани со пријави за изборни нерегуларности, односно користење на буџетски средства, државни простории, службени возила, вработување и слично.
– Од сите тие предмети, во еден случај доставивме иницијатива до надлежно Јавно обвинителство каде што сметавме дека има елементи за сторено кривично дело. Дополнително ќе нагласам дека во однос на анализата, односно разгледувањето на финансиските извештаи на учесниците во изборниот процес, Државната комисија е потполно ограничена, пред сѐ и со буџетски ресурси и со вработени лица, и со години се потпираме на меѓународна поддршка, конкретно од ИФЕС, рече Чучуљ.
За посебниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за повторни избори за градоначалник на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа во 2026 година, истакна дека немало оформено ниту предмети, ниту приговор од страна на организатор на изборна кампања и учесници на изборите.
– Констатиравме само дека еден учесник нема доставено ниту еден финансиски извештај, рече Чучуљ.
Во однос на годишниот извештај на ДКСК за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси 2021–2025 година, за периодот 01.01.2025 – 31.12.2025 година и Завршен извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси 2021–2025 за периодот од 01.01.2025 до 31.12.2025 година, Чучуљ истакна дека се работи за два извештаи кои во суштина се поклопуваат.
– Националната стратегија беше доста обемна и можеме генерално да констатираме дека е недоволно имплементирана, односно вкупно од 318 евалуирани активности, вкупно 37 отсто се целосно реализирани, нереализирани се 34 проценти, а во тек се 29 проценти. Минатата година направивме анализа за причините за слабата реализација коишто беа основа за изготвување на новата Национална стратегија и токму затоа со новата се фокусираме на помал број сектори, истакна Чучуљ.
Претседателот на комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Љупчо Пренџов ја прекина седницата, а во дополнителен термин ќе биде разгледана Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 година.

