Реклама
Прилози

🎥 Претседателката на Антикорупциска не оди на работи, Комисијата не побара оставка, Гаши чека пресуда за да и го одземе мандатот

Недостапна на мобилен телефон, не се појавува на работното место, не поднела…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Недостапна на мобилен телефон, не се појавува на работното место, не поднела ниту оставка во Антикорупциска, а нема ниту кој да ја разреши од претседателската функција, обвинетата Татјана Димитровска. Собранието кое е единствено надлежно, според спикерот Африм Гаши мора да го чека епилогот од судскиот предмет за да може да ја разреши од функција. Според Гаши законските услови за нејзино разрешување, не се исполнети, но пратениците сепак имаат можност да ја симнат од функцијата, поради нарушување на угледот и неетичко однесување.

  • „За разрешување, Комисијата за избори и именувања треба да донесе одлука  па тоа да се процесира на пленарна седница. Што и да одлучи Комисијата, јас ќе го процесуирам во пленарна седница. Но, да, законот е јасен, значи зборува, не за покренување на обвинение, туку за правосилна судска пресуда. Тоа е делот каде што пратениците треба да размислат. Законски услови се уште нема, но делот на угледот, дали може некој да го води тоа тело, а има покренато обвинение, тоа повеќе е работа на етика и углед, достоинственост на водење на таа институција,“ рече на брифинг претседателот на Законодавниот дом.

    Премиерот Христијан Мицкоски смета дека ако Димитровска згрешила поради морални причини треба сама да се повлече од функцијата и да се соочи со кривичната одговорност. 
  • Постои морален чин на одговорност, ако чувствува некој треба да отстапи и да заврши со таа работа, а кривична, тука се обвинителството, судовите, тие нека гонат доколку има кривична одговорност. Па ние сега да правиме естрада во парламентот, па тоа ништо не значело според Уставот и така натаму повеќе немаме намера да се занимаваме со такви работи“, вели Христијан Мицкоски – Претседател на Влада.

Денеска, нејзините колеги членови во антикорупциската комисија, велат дека надлежноста за нејзиното разрешување ја има единствено Собранието , а оставката како морален чин е одлука и право на Димитровска, но не ја повикаа да го стори тоа.   

  • Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална
    одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги
    извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на
    корупцијата и судирот на интереси. Сепак, во интерес на непречено работење и успешно остварување на целта и надлежностите на Државната комисија цениме дека е исклучително важно Државната комисија да функционира во полн состав“
    велат од ДКСК.

Димитровска е под мерки од судот од крајот на април од кога беше осомничена за оддавање службена тајна на ексдиректорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. Со поднесеното обвинение се откри и дека поранашен колега од Државниот завод за ревизија полагал во нејзино име за да добие Сертификат за службена тајна.  

Реклама

Во меѓувреме, додека траеше истрагата за Димитровска во Обвинителството за гонење организиран криминал, се дозна дека со нејзин потпис биле отфрлени две пријави поврзани со работата на ЕСМ. Првата пријава до Антикорупциска која се однесувала за набавката за адитиви за намалување на формирање на згура-троска во котли при согорување на јаглен била одбиена во јуни 2024 година. Втората пријава пак се однесувала за набавката која ја добила фирмата на службеничката во Македонски пошти, Маја Јорданова, веќе обвинета во случајот „Адитив“. И втората пријава по неколку месеци била отфрлена со оправдување дека Обвинителството веќе постапувало за истиот случај.