Законот за рестрикции е непотребен во македонските законски норми и го доведува во прашање суверенитетот на Македонија. Правниците реагираат дека не може одлуки на други држави да бидат дел од македонските закони, a Македонија треба да се посвети на владеењето на правото врз основа на донесување пресуди врз основа на докази, а не со преземање на странски црни листи, потенцира адвокатот Сашко Дуковски.
- „Таков закон не е потребен. Во ниту еден момент не е потребен. Зошто? Прво и основно со тоа покажуваме дека не сме суверена држава туку сме протекторат, зошто? Затоа што Стејт Депатментот од свои, некогаш и политички причини, некого ќе стави на црна листа, а тоа за нас ќе биде како предиктикативен факт кој мора да се применува од нашите органи. Тоа е една будалаштина невидена. Не знам зошто воопшто е дојдено во една ваква фаза. Ставањето на црна листа од странска држава нема врска со влаадењето на правото. Ако ние сме сакале да се умилкуваме на нашите стратешки партнери не сум сигурен дека со ваков закон ќе го сториме тоа“, коментира адвокатот Сашко Дуковски.
Адвокатката Јошевска Анастасовска смета дека се експериментира со нови законски решенија, оти властите сакаат да се прикријат институциите кои не постапуваат во борбата со криминалот и корупцијата.
- „Правниот основ кој се додава во законот за изменување на законот за рестриктивни мерки е дискутабилен, бидејќи не се работи за одлуки кои се донесени не од меѓународни организации туку од други држави, без оглед што државите се САД и Велика Британија кои се стратешки партнери на Р.Македонија. Сепак тоа се други држави и дискутабилна е сувереноста на нашата држава и дали може врз основа на овој правен основ да се изменува на овој начин законот. Но, се чини дека државата или властите сакаат да компезираат за несоодветните или некомпетентите институции кои не врз основа на црни листи, туку самите треба да третираат криминал, и соодветно да го гонат и санкционираат, па мора да се интервенира на овој начин за заспани институции. Според мене се прави една лоша интервенција, и правните основи кои се додаваат треба малку повеќе и да се елаборираат и соодветно да се дискутира“ вели Сузана Јошевска Анастасовска – адвокат.
Сите новости кои се внесуваат во законот веќе се регулирани, па оттука не гледаат потреба од негово носење. Друг проблем се законските пропусти, како на пример рокот за трањето на рестиктивните мерки кои може да биде злоупотребен.

- „Најбитно од се, чему е потребата од носење ваков закон, јас го гледав министерот за надворешни работи кога ја објаснуваше потребата од носење ваков закон. И сега, обвинителот до донесување на правосилна пресуда, во секоја фаза од постапката може да бара такви мерки, замрзнување на имот и сметки, одземање на патни исправи, напуштање на живеалишта, милион мерки имате“ вели Сашко Дуковски – адвокат.
- „Правната разработка е исто така дискутабилна, тука се работи нешто и за детали но и за сериозни пропусти. Можното долго траење на рестриктивните мерки, со оглед на тоа дека нема конкретни рокови во кои треба органите да постапуваат кога се во прашање рестриктивните мерки, а и со оглед на праксата може сериозно да доведат до злоупотреби и прекршувања“ вели Сузана Јошевска Анастасовска – адвокат.
Иако министерството за правда децидно остана против овој закон, министерот за надворешни не се откажа, и откако еднаш беше вратен, со мали измени вчера помина на владина седница. Според Правда, законските измени се во спротивност со Европската конвенција за човекови права, како и со принципот на владеење на правото и правната држава.
