Пратеничката Мимоза Муса учествува на седницата на Комисијата за правда, внатрешни работи и безбедност на Парламентарното собрание на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), која се одржува вчера и денеска во Атина – наведува прес-службата на Собранието на Северна Македонија.
Седницата беше отворена со поздравен говор на претседателот на Комисијата, Ефстатиос Константинидис, по што следуваше обраќање на министерката за труд и социјална сигурност на Република Грција, Ники Керамеос.
На седницата пратениците од парламентите учеснички во ПСЈИЕ ги презентираа своите ставови и искуства на тема „Институционална заштита и зајакнување на демократските процеси за ефективно справување со феноменот на ‘одлив на мозоци’ и демографските предизвици во Југоисточна Европа“ по што следуваше дискусија по предлог-извештајот и предлог-резолуцијата на оваа тема.

Во своето обраќање пратеничката Мимоза Муса истакна дека демографските промени во регионот повеќе не се идни проекции, туку реалност обележана со намален наталитет, засилена емиграција и забрзано стареење на населението. Таа нагласи дека овие трендови имаат директно влијание врз пазарот на труд, социјалните системи и функционирањето на демократските институции.

Осврнувајќи се на состојбите во Северна Македонија, Муса посочи дека земјата се соочува со намален природен прираст и значителна емиграција, особено на млади и високообразовани кадри, како и со внатрешна миграција, што доведува до празнење на руралните средини. Како последици ги наведе намалувањето на човечкиот капитал, зголемениот притисок врз пензискиот и здравствениот систем, регионалните нееднаквости и намаленото граѓанско учество.
Пратеничката Муса информира дека во тек е подготовка на национална стратегија за демографски развој и демографска отпорност (2026 – 2036), која се изработува во соработка со меѓународни партнери и домашни институции. Клучен сегмент на оваа стратегија е преминот од концептот на „одлив на мозоци“ кон „циркулација на знаење“ преку зајакнување на врските со дијаспората, трансфер на знаење и создавање услови за враќање и привремено ангажирање стручни кадри.
Таа истакна дека силните демократски институции и владеењето на правото се предуслов за успешни демографски политики, при што ги нагласи реформите насочени кон зајакнување на независноста на судството, транспарентноста и професионализацијата на јавната администрација, како и борбата со корупцијата.
На крајот од своето обраќање пратеничката Муса нагласи дека демографската отпорност бара заеднички, координиран и регионален пристап, при што Северна Македонија останува посветена на соработка со земјите од Југоисточна Европа во насока на трансформирање на демографските предизвици во можности за одржлив развој и заеднички просперитет.
Се очекува на крајот од седницата пратениците да ги усвојат предложените извештај и резолуција.
